Gökhan Kurtaran
02 декември 2015•Ажурирај: 03 декември 2015
ЛОНДОН (АА) - Истрагата која ја спроведоа надлежните институции на Европската унија потвдија дека сирискиот бизнисмен Џорџ Хасвани е главен посредник во трговијата со нафта помеѓу терористичката организација и сирискиот режим на претседателот Башар ал-Асад, и дека воедно има и договор за кооперативни работи со една руска енергетска компанија, јавува Anadolu Agency (АА).
По минатонеделното соборување на рускиот авион кој го повреди турскиот воздушен простор во нејзиниот јужен пограничен појас, руски функционери изнесоа низа тврдења дека бројни земји, вклучувајќи ја и Турција, купуваат нафта од ДАЕШ, за што досега нема никакви докази, но податоците до коишто дојдоа меѓународните институции во врска со тоа прашање го покажуваат токму спротивното.
Советот на министри на Европската унија на заседавањето на 7-ми март оваа година воведе санкции кон низа правни и физички лица поради соработка со ДАЕШ, а црната листа расветлува и канали на трговија со нафта од ДАЕШ.
Сирискиот стопанственик, Хасвани, се најде на таа црна листа, а станува збор за косопственикот на градежната и проектантска компанија HESKO.
„Хасвани има блиски врски со сирискиот режим. Тој е посредник и помошник на сирискиот режим во купувањето нафта од ДАЕШ. Тој, исто така, има корист од режимот и со својот договор за соработка со престижната руска енергетска компанија Stroytransgaz“, се наведува во текстот на одлуката на ЕУ.
- Европска комисија: Имаме докази за темна мрежа -
Една од портпаролките на Европската комисија, Набила Масрали за АА кажа дека на црната листа се наоѓаат 13 субјекти и дека постојат веродостојни податоци за нивните темни врски и мрежи во Сирија.
„Постојат уверливи докази дека се санкционирани субјектите на поддршка на сирискиот режим. Тие докази се собрани во документите на Европската комисија кои не се достапни за јавноста. Комисијата внимателно ги следи сите случувања во Сирија“, рече Масрали.
Истакнувајќи дека продажбата на нафта е еден од основните извори на финансирање на ДАЕШ, Масрали рече дека Комисијата посебно внимание посветува на спречување на мрежата на финансирање на ДАЕШ и мрежата на поддршка на сирискиот режим.
Пат Такер, челник на лондонската организација The economist Intelligence Unit Afrika, за АА кажа дека веќе подолго време се зборува за трговијата со нафта и соработката помеѓу ДАЕШ и сирискиот режим и дека се претставени многу уверливи докази.
„Сириската влада обезбедува финансии за случувањата во Рака и двете страни заеднички ја користат енергијата на тамошните електрани. Ги сметам уверливи доказите за таквите наводи“, рече Такер.
- Хамонд: Асадовата борба против ДАЕШ е лага -
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во тек на службената посета на Париз поради учеството на 21-вата Конференција на Обединетите нации за климатски промени, во разговор со новинарите истакна дека американското Министерство за финансии неодамна соопшти дека сирискиот и руски државјанин Хасвани купува нафта од ДАЕШ и ја продава на сирискиот режим.
Шефот на британската дипломатија, Филип Хамонд, пред осум месеци за весникот “Financial Times“ изјави дека токму Хасвани е главен посредник во трговијата со нафта помеѓу терористите на ДАЕШ и сириската влада.
„Постигнавме договор да ги санкционираме сите оние кои во име на сирискиот режим од ДАЕШ купуваат нафта. Црната листа на Европската комисија е уште еден показател дека е лажна борбата на сирискиот режим против ДАЕШ, туку и дека режимот финансиски ја помага таа терористичка организација“, рече Хамонд.
Министерството за финансии на САД минатата седмица изрече санкции кон четири физички и шест правни лица поради поддршка на сирискиот режим и посредување во трговијата со нафта помеѓу ДАЕШ и режимот. На листата се наоѓа и Хасвани, кој е означен како „посредник“ во трговијата помеѓу терористите и сириската влада.
На „црната листа“ на Европската унија се наоѓаат бројни компании од сирискиот енергетски сектор, а меѓу нив се Syrian Trading Oil Company (Sytrol), General Petroleum Corporation, Deir ez-Zur Petroleum Company, Ebla Petroleum Company, Dijla Petroleum Company, Syrian Petroleum Company, Mahrukat Oil Company, Syrian Company for Oil Transport, The Baniyas Refinery Company, The Homs Refinery Company и Tri Oceans Trading.