Senada Ibraimova
23 Ноември 2016•Ажурирај: 24 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се отвори четиринаесеттата по ред годишна дводневна Конференција „Информатички и комуникациски технологии (ИКТ) во Агробизнисот“, во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, а во соработка со „АгФутура Технологии“ и Прокредит банка, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на конференцијата е да се зближат двете идустрии за подобро да ги разберат своите меѓусебни потреби и барања, како и да се олесни влезот на ИКТ индустријата на пазарот и да им се овозможи на фармерите и на агрокомпаниите да дознаат на кој начин може да ги стават технологиите во функција за остварување подобра конкурентност и зголемена профитабилност.
На отворањето на конференцијата, на присутните им се обрати министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска – Томовска, која меѓу другото посочи дека земјоделието, како економска гранка во Македонија придонесува со 11 проценти во бруто домашниот производ. Според неа, оваа дејност има потенцијал во иднина, кој треба да се искористи со помош на технолошките компании за понатаму да се развива.
„Денеска е речиси невозможно и незамисливо да се гледа на примената на информатичко-комуникациските технологии и современите технолошки решенија, како можност за развој на земјоделските компании, туку како неминовност, како потреба, заради тоа што доколку тие дигитално не го трансформираат својот бизнис, нивната иднина е сосема неизвесна“, истакна Томовска.
Емилија Спировска, членка на управниот одбор на Прокредит банка во Македонија, во своето обраќање рече дека Прокредит банка ги поддржува малите и средните претпријатија во кредитирањето, и дека како активен партнер на агросекторот, се труди да поттикне поголем апетит кон инвестирањето во модерната технологија во земјоделството. Според неа, тоа е неопходно во Македонија, за да се направи конкурентно и ефикасно производство коешто ќе се пласира и во странство.
Според претседателот на управниот одбор на МАСИТ, Горан Поповски, оваа конференција се одржува веќе втора година по ред, на темата агробизнис, поради тоа што ИКТ секторот и агробизнисот, како што рече тој, доволно не се познаваат. „Одлучивме дека треба да го дадеме нашиот глас за земјоделците во Македонија да разберат како можат да дојдат до прецизно фармерство, до поголема продуктивност и поголема ефикасност“, рече Поповски.
Една од клучните теми на конференцијата ќе биде како ИКТ може да им помогне на земјоделците да го развијат својот бизнис.
Предвидени се и Б2Б состаноци, презентации на експерти од ИКТ и од агросекторот, споредба меѓу светските и домашните трендови, како и панел-дискусија на темата „Простор за решавање на јазот меѓу ИКТ и агробизнисот“.
На конференцијата учествуваат голем број претставници од ИКТ и агрокомпании, финансискиот сектор, државните институции, донаторски организации, како и клучни експерти од областа на ИКТ и од агробизнисот.