Besar Ademi
23 Ноември 2016•Ажурирај: 24 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Според истражувањето спроведено од страна на Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларијата во Скопје, за невработеноста кај младите во Република Македонија за 2016 година, се наведува дека „несомнено е дека стапката на невработеноста на младите луѓе во Македонија која изнесува 52,9 отсто, е алармантна, рангирајќи се на третото место на глобалната листа, додека на прво место е Босна и Херцеговина, а на второто Грција“, јавува Anadolu Agency (AA).
Нина Старова, автор на истражувањето на фондацијата на дебатата што се одржа во Скопје, каде што се дискутираше за предизвиците и препораките за намалување на стапката на невработеност кај младите, рече дека над 60 отсто од младите во оваа земја сметат дека е тешко да се најде работа. Таа додаде дека овие истражувања покажуваат дека главен фактор за вработување се личните и политичките врски.
„За жал, поради недостаток на советување за кариера, нивните очекувања од пазарот на трудот се нереални и немат познавање на пазарот на трудот“, рече Старова, додавајќи дека 50 отсто од младите во земјата сакаат да работат во јавната администрација, додека 50 отсто размислуваат или се подготвуваат да ја напуштат земјата.
Универзитетскиот професор Драган Тевдовски, кој учествуваше на дебатата, рече дека оваа стапка на невработеност покажува зошто младите емигрираат од Македонија, додавајќи дека и актуелните политики во земјата не даваат добри резултати за мотивирање на младите.
„Апсолутно се неопходни реформи на сите нивоа на образованието во Република Македонија, ако навистина сакаме сериозна промена, највеќе за да се подобри продуктивноста, за зголемување на платите и за поголеми можности за вработување. Сепак, мора да бидеме свесни дека овие реформи не треба да се одложуваат и да се имплементираат што е можно поскоро“, посочи Тевдовски.
Фондација „Фридрих Еберт“ е непрофитна организација од јавен интерес, посветена на принципите и основните вредности на социјалдемократијата. Основана во 1925 година.