Övünç Kutlu
14 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
АНКАРА (АА) - Претприемачот и бизнис-магнат Илон Маск денеска објави дека предложил купување на Твитер за 54,20 долари по акција, што изнесува околу 43 милијарди долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката доаѓа откако Маск, основачот на производителот на електрични автомобили „Тесла“ и компанијата за истражување на вселената „Спејс икс“, на 4 април објави дека купил 9,2 отсто од акциите во Твитер, со што станува најголемиот инвеститор на платформата за социјални медиуми.
„Инвестирав во Твитер бидејќи верувам во неговиот потенцијал да биде платформа за слобода на говорот низ светот и бидејќи верувам дека слободата на говорот е општествен императив за функционална демократија“, напиша Маск до Комисијата за хартии од вредност на САД.
„Сепак, откако ја вложив мојата инвестиција, сфаќам дека компанијата ниту ќе напредува, ниту ќе му служи на овој општествен императив во нејзината сегашна форма. Твитер треба да се трансформира во приватна компанија“, додаде тој.
Маск истакна дека неговата понуда е конечна и рече дека доколку не биде прифатена, ќе треба да ја преиспита својата позиција како акционер.
„Твитер има извонреден потенцијал. Ќе го отклучам [тој потенцијал]“, додаде тој.
Цената на акциите на Твитер се зголеми за 3,1 отсто до 45,85 долари по акција пред отворањето на тргувањето на Њујоршката берза денеска.