Mehmet Solmaz
20 Јуни 2023•Ажурирај: 22 Јуни 2023
БИРМИНГЕМ (АА) - Околу 5,7 милиони домаќинства со ниски приходи во Велика Британија немаат доволно пари за храна, соопшти британската група за борба против сиромаштијата, нарекувајќи го тоа „ужасно ново нормално“, пренесува Анадолу.
Во својот најнов извештај за следење на трошоците за живот објавен денес, фондацијата „Џозеф Роунтри“ истакнува дека исклучително високата инфлација со храната во комбинација со неадекватната владина поддршка ги наведува луѓето да прават невозможни избори за тоа колку често ќе јадат и која храна ќе ја купуваат.
Вкупниот број домаќинства со ниски приходи што се гладни, кои намалуваат или прескокнуваат оброци е 5,7 милиони (48 отсто), а бројот на домаќинства што се останати без други основни работи за живот, како тушеви, превоз и тоалети е 6,5 милиони (56 отсто).
Рејчел Ервејкер, економистка во фондацијата, рече: „Во текот на изминатата година луѓето ни раскажуваа дека не се во можност да си дозволат топли оброци, шампон или топол туш. Гледаме дека овие проблеми опстојуваат и тоа стана ужасно ново нормално. Повисоките цени ќе останат непроменети, а намирувањето на трошоците за живот, иако неопходни, не обезбедуваат простор за дишење на луѓето.“
Добротворната организација вели дека големите нивоа на инфлација на храна, исто така, ги принудуваат луѓето да купуваат помалку свежа и здрава храна, а повеќе пакувана, преработена или храна со помалку хранливи материи. „Знаеме дека сиромаштијата веќе има огромно влијание врз здравјето на нацијата и се соочуваме со морален гнев поради очекуваниот животен век што паѓа кај одредени групи. Во исто време, тешкотиите од овие размери ќе поттикнат уште поголем притисок врз Националната здравствена служба (NHS) во текот на идните години.“
Според податоците на фондацијата, 1,7 милиони домаќинства со ниски приходи побарале помош од британската Национална здравствена служба поради проблеми со менталното или физичкото здравје, додека 1,6 милиони побарале пристап до здравствените услуги, но не добиле поради трошоците или други прашања, како и поради долгото време на чекање.