Gülbin Yıldırım
05 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Надворешниот трговски дефицит на САД во јули имаше раст од 9,5 отсто и достигна 50,1 милијарда долари, што претставува најбрз растечки дефицит во последните 3 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот што го подготви Министерството за трговија на САД, надворешниот трговски дефицит во јули, споредено со претходниот месец е зголемен за 9,5 отсто и достигна 50,1 милијарда долари. Тоа претставува најголем раст во последните 3 години, при што дефицитот го достигна своето највисоко ниво од февруари досега.
Растот на надворешниот трговски дефицит на САД во јули се должи на падот на извозот од 1 отсто, при што вкупниот извоз е намален на 211,1 милијарда долари, додека увозот е зголемен за 0,9 отсто и достигна 261,2 милијарди долари.
Во меѓувреме, извршена е ревизија на надворешниот трговски дефицит за месец јуни од 46,3 на 45,7 милијарди долари.
- Рекорден надворешниот трговски дефицит на САД кон Кина -
Во извештајот се наведува дека надворешниот трговски дефицит со Кина во јули ги урнал досегашните граници, достигнувајќи рекордна вредност од 36,8 милијарди долари. Надворешниот трговски дефицит кон ЕУ во јули изнесува 17,6 милијарди долари, што претставува највисоко ниво на сите времиња. Надворешниот трговски дефицит кон Мексико од 7,4 милијарди долари е намален на 5,5 милијарди.
Доналд Трамп, претседателот на САД, од доаѓањето на функцијата претседател на државата, со својата трговска политика се обидува да го намали надворешниот трговски дефицит на САД. Големиот раст на надворешниот трговски дефицит, наспроти заштитните царински даноци, се оценува како неуспех на американската администрација.