Tevfik Durul,Nazlı Yüzbaşıoğlu
06 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
АНКАРА (AA) - Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу предупреди дека главната цел на нападите на сирискиот Идлиб е да се заземе тој град, јавува Anadolu Agency (AA).
„Целта на нападите е да зе зазеде градот. Нападот носи сериозен ризик. Во секој поглед тоа би била вистинска катастрофа", рече Чавушоглу во изјава за новинарите, по состанокот со германскиот шеф на дипломатијата Хеико Мас во Анкара.
Истакна дека турските власти веднаш стапиле во контакт со Русија откако на Идлиб е изведен напад.
„По нападот, бевме во контакт со нивните институции. Рековме отворено дека тоа е грешка", рече турскиот министер за надворешни работи.
Нагласи дека Турција почнала да презема големи напори веднаш по првите најави за можноста за напади на Идлиб, додавајќи дека се преземени посебни мерки да се спречи сирискиот режим во кршење на примирјето.
„Постојат земји гарантери на сирискиот режим, Русија и Иран. Со нив сме во контакт", рече Чавушоглу, додавајќи дека Турција се согласува дека радикалните групи треба да бидат протерани од Идлиб.
„Нека тука никој никого не залажува. Ние сме согласни дека радикалните групи треба да бидат протерани од тоа подрачје или разделени. Но, целта на овие напади е да се заземе Идлиб", рече Чавушоглу.
Додаде дека се поклопуваат ставовите на Германија и на Турција во врска со Сирија и другите важни прашања, посебно фалејќи ги изјавите на германските функционери во врска со Идлиб.
„Драго ми е што соработуваме за да нашите меѓусебни односи ги донесеме до уште повисоко ниво", рече Чавушоглу.
Нагласи дека Турција ќе продолжи да ги вложува потребните напори за да се спречи кршење на примирјето, посебно во врска со состојбата во Идлиб.
Министерот Мас истакна дека целта на неговата земја е да се спречи катастрофа во Идлиб.
„Наша цел е да се спречи хуманитарната катастрофа во Идлиб", рече германскиот шеф на дипломатијата, додавајќи дека е потребно да им се пружи помош на луѓето кои би можеле да избегаат од сирискиот град.
„Потребно е да им се помогне на луѓето кои ќе избегаат од Идлиб. На состанокот разговаравме за тоа како ќе помогнеме. Турција ни е важен партнер во тој поглед", рече Мас, напоменувајќи дека навистина постои можност да се случи вистинска катастрофа.
„Постојат земји како Русија кои сакаат да влијаат на некои актери во овој судир. Постои можност да се случи голема катастрофа. Гледаме дека конфликтите се можни и дека тие би можеле да се концентрираат на одредени фронтови", предупреди германскиот министер.
На крајот нагласи дека односите на Германија и Турција се од посебен стратешки интерес.
„Имаме стратешки интерес нашите односи да бидат развивани на конструктивен начин", рече Мас кој престојува во во работна посета на Турција.
Напомена дека во неговата држава повеќе од три милиони лица се по потекло од Турција, кои како што рече, дополнително ги зближуваат двете земји.