Necva Taştan
24 Јуни 2023•Ажурирај: 26 Јуни 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за трговија, Омер Болат, денес соопшти дека земјата на 23 јуни остварила историски максимум од 2,12 милијарда долари дневен извоз, пренесува Анадолу.
„Нашиот извоз на 23 јуни изнесуваше 2,121 милијарда долари – направен е историски рекорд за дневен извоз. Прагот од 2 милијарди долари во дневниот извоз е надминат“, напиша Болат на Твитер.
Тој нагласи и дека моментната вредност на дневниот извоз ги надминува годишните бројки за извоз од 1977 година (1,75 милијарди долари) и месечните бројки за извоз од 1999 година (1,94 милијарди долари во август).
Болат ја поздрави силата и динамиката на извозниците во постигнувањето на оваа историска пресвртница и покрај економските предизвици.
Намалувањето на индексот на менаџерите за набавка (ПМИ) на Еврозоната достигна најниско ниво во последните 37 месеци, при што Германија, најголемиот трговски партнер, регистрира ПМИ од 41, додаде турскиот министер Болат.
Тој ја истакна важноста на одржливиот раст на извозот, намалената зависност од увозот, макроекономската стабилност и опкружувањето поволно за инвестиции со силниот синџир на производство-извоз.
Турскиот извоз порасна за 14,4 отсто од пред една година на 21,7 милијарди долари во мај, а увозот се зголеми за 15,5 отсто на 34,2 милијарди долари, според Турскиот статистички институт (ТуркСтат).
Главниот трговски партнер на Туркије, Германија, во мај прими турски извоз во вредност од 1,8 милијарди долари. Други главни испораки реализирани во странство беа во САД во износ од 1,3 милијарди долари, во Велика Британија со 1,1 милијарда долари, во Ирак со 1,01 милијарда долари и во Италија со 1 милијарда долари.