Husameddin Gina
08 Октомври 2018•Ажурирај: 09 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) – „За да имаме извозен производ треба најпрвин да ја одработиме домашната задача, а тоа е да креираме производ кој е дизајниран, конкурентен и квалитетен согласно стандардите на таа земја каде што се извезува“, изјави Глигор Цветанов, претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој на денешната прес-конференција го промовираше новиот каталог кој ќе им помогне на компаниите од Македонија што не се извозно ориентирани да можат да ги претстават своите производи на странските пазари.
„Светскиот пазар е преплавен од сите земји, од сите производи и успеваат само тие што се наметнуваат со квалитет и со конкурентна цена“, истакна Глигор Цветанов.
Тој, исто така, нагласи дека извозот претставува стратешки одговор за растот на секоја компанија, но и за економијата на една држава. За него прехранбената индустрија во Македонија има најголем потенцијал да извезува.
„Македонија дефинитивно има потенцијал во повеќе сектори, прехранбената индустрија е дел од секторите во коишто Македонија има конкурентна предност, имаме многу сонце, чист воздух, еколошка храна“, изјави Цветанов.
Татјана Штерјова од Стопанската комора, на прес-конференцијата истакна дека дел од проблемите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите коишто се извозно ориентирани или компаниите коишто сè уште немаат остварено излез на надворешните пазари, помалку или повеќе се однесуваат и на сите компании од регионот на Западен Балкан.
„Европската Унија претставува најголем, односно главен трговски партнер на кој отпаѓа повеќе од 75 проценти од вкупната размена на секоја од земјите во регионот. За сметка на тоа, интрарегионалната размена помеѓу државите од Западен Балкан опфаќа не повеќе од 10-12 проценти од обемот на размена на овие држави“, изјави Штерјова, од Стопанската комора на Македонија.
Одговарајќи на новинарското прашање „Ако Македонија влезе во политичка криза дали тоа ќе се одрази на извозната активност на компаниите“, од Комората истакнаа дека можеби ќе влијае на нивното охрабрување да инвестираат и да растат со капацитети, но тие се надеваат дека брзо ќе се надмине овој неизвесен период и дека ќе се продолжи со оптимизмот.