Büşra Nur Çakmak
21 Јули 2023•Ажурирај: 23 Јули 2023
СЕНТ ЛУИС (АА) - Крајбрежната ерозија предизвикана од климатските промени во Сенегал од ден на ден го намалува крајбрежниот простор на историскиот град Сент Луис, известува Анадолу.
Според извештајот на Светската метеоролошка организација (СМО) од 2019 година, крајбрежната ерозија во Западна Африка предизвикува загуби на крајбрежниот појас во просек за 1,8 метри годишно.

Според извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени, нивото на морската вода во регионот, исто така, расте за 3,5 до 4 милиметри годишно.
Едно од местата каде што оваа промена на нивото на морето најинтензивно се чувствува е историскиот град Сент Луис, чиј брег се протега до Атлантскиот Океан и до реката Сенегал. Сѐ поизразената крајбрежна ерозија се заканува овој историски град да го остави без крајбрежниот појас.

Ндар или Сент Луис е крајбрежен град во северозападниот дел на Сенегал и поранешна престолнина на земјата за време на француската колонизација, а со своето културно-историско наследство денес привлекува сѐ поголем број туристи од целиот свет и претставува сѐ попопуларна туристичка дестинација.
Стариот град Сент Луис се наоѓа на тесен остров на реката Сенегал. Островот е долг 2 километра, а широк само околу 400 метри. Познат е како прв град што Европејците го изградиле во Западна Африка, а се наоѓа и на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
