84-годишен пензионер веќе 57 години ги претвора дрвото и металот во уметност
- „Ах, таа љубов... Според мене, што и да работите, правете го со љубов. Работата направена со љубов секогаш е поблиску до совршенството“, изјави 84-годишниот Озбек
Kenan Yeşilyurt
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
photo: Kenan Yeşilyurt / AA
ИСТАНБУЛ
84-годишниот пензионер Седат Озбек, оженет и татко на две деца, веќе 57 години со голема страст се занимава со обработка на дрво и метал.
Околу 34 години твори во својата работилница во чаршијата на Ускудар во Истанбул, каде што ги комбинира дрвото и металот за да создава оригинални уметнички предмети.
Озбек ја опишува својата работилница како „место каде што мислата добива форма“. Во изјава за АА рече дека темата што му е доверена најпрво ја разработува во својот ум, а потоа со труд ја претвора во конкретно дело.
Фотографија : Kenan Yeşilyurt/AA
Тој истакна дека реченицата: „Раѓањето беше товар за мајка ми, животот беше товар за мене, а и смртта ќе биде товар за оној што ќе ми го носи ковчегот“, најдобро го сумира неговиот живот. Додаде дека целиот живот работел за неговото семејство никогаш да не почувствува сиромаштија и немаштија.
Озбек нагласи дека создавањето за него не е само професија, туку и еден вид терапија.
„Му благодарам на Бога што ми овозможи сè што ќе замислам да го претворам во реалност. Да се биде посветен на некоја работа за мене е вистинска терапија. Имам 84 години и сè уште продолжувам да создавам. Да се работи на нови проекти е многу подобро отколку да се седи без работа“, рече тој.
- „Работата направена со љубов секогаш е поблиску до совршенството“ -
Говорејќи за најважниот принцип во својата професионална кариера, Седат Озбек рече дека тоа е љубовта кон работата.
„Ах, таа љубов... Според мене, што и да работите, правете го со љубов. Работата направена со љубов секогаш е поблиску до совршенството“, изјави тој.
Тој ја нагласи и важноста на планирањето за постигнување успех, посочувајќи дека човек кој не планира секој ден се соочува со нов хаос, додека оној што работи плански и без одложување го спроведува својот план, неизбежно ќе стигне до целта.
И покрај тоа што има 84 години, Озбек продолжува активно да работи и во својата работилница во Ускудар и понатаму создава нови дела комбинирајќи дрво и метал.