Во монтажна работилница, последниот самарџија во турски Хатај ја продолжува семејната традиција
- „Не можам да работам ништо друго. Роден сум, израснат и оформен со овој занает. Ако не го почувствувам овој мирис, не можам ни да заспијам. Навикнат сум, ова е мојата работа“
Mehmet Bayrak
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
photo: Mehmet Bayrak / AA
ХАТАЈ
Педесет и тригодишниот Мустафа Гезер, кој живее во Антакија во турската област Хатај, по разорните земјотреси продолжува да се занимава со самарџискиот занает, наследен од дедо му и татко му, во новата работилница во монтажната чаршија, пишува Анадолу.
Гезер, еден од последните мајстори на самарџискиот занает, кој некогаш го практикувале голем број занаетчии, ја загубил својата работилница во историската чаршија Узун, која беше урната по земјотресите на 6 февруари 2023 година, во рамките на проектите за реставрација и реконструкција.
По катастрофата, Гезер продолжил да работи во руралните населби, а минатата година отвори нова работилница во монтажната чаршија во населбата Харапараси.
Фотографија : Mehmet Bayrak/AA
Во својата работилница од 10 квадратни метри во одредени денови изработува и поправа самари, а три дена во неделата ги посетува руралните населби каде што им нуди услуги на сопствениците на животни за товар и за јавање.
- „Роден сум, израснат и сум оформен со овој занает“ -
Мустафа Гезер за Анадолу изјави дека, иако со индустријализацијата и механизацијата е намалена употребата на товарни животни, самарите и понатаму се користат во руралните средини.
„Не можам да работам ништо друго. Роден сум, израснат и оформен со овој занает. Ако не го почувствувам овој мирис, не можам ни да заспијам. Навикнат сум, ова е мојата работа“, рече тој истакнувајќи дека денес е еден од последните мајстори на овој занает.
Фотографија : Mehmet Bayrak/AA
Тој нагласи дека ќе продолжи да се занимава со самарџиството сѐ додека здравјето му го дозволува тоа.
„Ако престанам да работам, нема кој да го продолжи овој занает. Луѓето во селата што имаат животни ќе останат без решение. Каде ќе ги поправаат самарите? Без самар, товарното животно не може да служи за ништо. Моја цел е да не ги оставам луѓето во тешка положба. Не размислувам да се откажам од оваа работа, ќе ја работам до крајот на животот“, рече мајстор Гезер.
Гезер посочи дека ги посетува и постарите луѓе што немаат превоз или не можат да ги донесат самарите до неговата работилница, поради што три дена во неделата работи на терен во руралните населби.
Тој додаде дека неговата работилница е секогаш отворена за сите што сакаат да го научат овој традиционален занает.