Amina Zorniç
05 Септември 2016•Ажурирај: 06 Септември 2016
КУВАЈТ (АА) – „Минус 11 ајс кафе", е единственото кафуле направено од мраз и најголемото „ледено кафуле“ во светот, кое влезе во Гинисовата книга на рекорди, јавува Anadolu Agency (AA).
Кафулето каде што сè е направено од мраз се наоѓа во познатата кула „Ал Тијариа“, висока 218,2 метри, четврта по големина зграда во Кувајт, главниот град на истоимената држава.
Уникатниот дизајн, во комбинација со светлосни ефекти, посетата во ова кафуле ја прави незаборавна. Во него се изградени ледени фигури на камили, коњи, столчиња, маси, птици, ламји и други украси. Ледени се и чашите во кои се служат пијалаците.
За ова искуство посетителите одвојуваат 50 долари, во што е вклучен пијалак по сопствен избор и зимска облека. Посетата е ограничена на 45 минути.
Ова кафуле е особено атрактивно во земја каде што владее полупустинска клима. Во летните месеци, кога земјата ја зафаќа тропски бран, просечните температури се движат од 42 до 48 степени. Најниската температура во земјата е измерена во 1964 година – минус шест Целзиусови степени.