Bedrudin Brlyavac
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - На аукција во Ерусалим, продадена е рачно испишана порака на Алберт Ајнштајн за формулата за среќен живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Пораката на познатиот германски физичар-теоретичар е продадена за 1,56 милиони долари, а беше проценета помеѓу 5.000 и 8.000 долари.
Во пораката со ракописот на познатиот научник се наведува што им е потребно на луѓето за среќен живот.
„Мирниот и скромен живот носи повеќе среќа отколку потрагата по успехот што подразбира постојана напнатост“, напишал Ајнштајн на германски јазик, на хартија на која се наоѓа и адресата на хотелот „Империјал“ во Токио, каде што престојувал во 1922 година.
Од аукциската куќа кажаа дека пораката на Ајнштајн ја купило лице од Европа кое сакало да остане анонимно и кое аукцијата ја следело преку телефон.
Аукцијата траела околу дваесетина минути, во кои почетната цена од неколку илјади долари се зголемила на 1,56 милиони долари.