И покрај блокадата и малото парче земја што им остана, земјоделците во Газа не се откажуваат од сеењето пченица
- Блокадата, која го има згаснато нормалниот живот во секоја сфера, тешко го погодува и земјоделството. Населението се соочува со огромни маки за да обезбеди вода, гориво, земјоделски алатки, ѓубрива и семе.
Gülşen Topçu, Fadel A. A. Almaghari
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
photo: Hassan Jedi / AA
ГАЗА
Во Деир ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа, палестинските земјоделци со гордост го жнеат житото што со мака го посеале, пркосејќи им на израелските напади и на суровата блокада, пишува Анадолу.
Со прогласувањето на прекинот на огнот, израелската Армија се повлече до таканаречената „жолта линија“, но и понатаму под окупација држи повеќе од 50 отсто од Појасот Газа, особено плодните земјоделски површини на истокот. Оваа болна реалност секојдневно го стеснува просторот за живеење, но и обработливото земјиште на овие луѓе.
Фотографија : Hassan Jedi/AA
Блокадата, која го има згаснато нормалниот живот во секоја сфера, тешко го погодува и земјоделството. Населението се соочува со огромни маки за да обезбеди вода, гориво, земјоделски алатки, ѓубрива и семе. Но, и покрај сè, тие продолжуваат да работат на стариот, традиционален начин за барем малку да го ублажат недостигот на брашно и леб во Газа.
- „Ќе продолжиме со отпорот на нашата земја“ -
Земјоделецот Мухамед Џемал ел-Факи раскажa дека по долг и макотрпен процес конечно почнале со жетва на пченицата.
Истакнувајќи дека пркосат на сите маки и на сета немаштија, Факи рече: „Се трудиме колку што е можно повеќе да го одржиме земјоделството во живот. Иако ни беше претешко да најдеме вода, ѓубриво, гориво и семе, ние не се откажавме. Ќе продолжиме со отпорот на нашата родна земја, и покрај сите напади, ние пак ќе ја сееме и ќе ја градиме оваа земја.“
Фотографија : Hassan Jedi/AA
Овој палестински земјоделец упати и голем апел до целиот свет, барајќи да им се помогне со набавка на потребната опрема и материјали за земјоделство.
- Сиот труд е за децата да не останат без парче леб -
Земјоделецот Адил Ебу Захир, пак, посочи дека целиот регион постојано се соочува со закани од израелската војска за присилна евакуација, но истакна дека тие и покрај тоа не запираат со работа, само за да можат да им донесат парче леб на своите деца.
Фотографија : Hassan Jedi/AA
Објаснувајќи дека жетвата на пченицата ја прават на стар, мануелен начин, Ебу Захир рече: „Порано користевме комбајни. Сега, бидејќи нема гориво, не можеме да ги користиме машините. Затоа, принудени сме од рано наутро до доцна навечер да жнееме рачно, со српови во рацете.“
- Земјоделство под дожд од куршуми -
Во минатото сееле најразновиден зеленчук – од бамји, боранија и пченица, па сè до спанаќ и магдонос. Ебу Захир рече дека овогодинешниот род е многу помал во споредба со претходните години.
За маката со наводнувањето на земјата, Ебу Захир рече: „Ние не можеме да најдеме вода за пиење, а камоли за наводнување на нивите. Да не заврнеше дожд годинава, немаше да извадиме ниту едно зрно род.“
„Ова е наша земја. Ние мораме да ја сееме секоја година“, изјави Ебу Захир, потсетувајќи дека веќе три години живеат под израелски терор, поради што му се обрати на светот со зборовите: „Погледнете нè и смилувајте ни се барем малку“.
Ебу Захир додаде дека, бидејќи нивните ниви се наоѓаат во непосредна близина на „жолтата линија“, тие секојдневно работат под постојан дожд од куршуми.
И покрај блокадата и малото парче земја што им остана, земјоделците во Газа не се откажуваат од сеењето пченица