Изработката на змејови, што ја научи од децата во маалото, му стана извор на егзистенција
- Октен од Адана со изработка на змејови започнал во деновите на пандемијата на Ковид-19 и оттогаш со неизмерна радост ја негува оваа вештина, а побарувачката за неговите ракотворби сѐ повеќе расте
Bekir Ömer Fansa
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
photo: Bekir Ömer Fansa / AA
АДАНА
Ахмет Октен, сопственик на маалско дуќанче во турскиот град Адана, успеал да си обезбеди убав приход благодарение на еден прекрасен занает, изработка на летала (летачки змејови), што го научил токму од дечињата во маалото, јавува Анадолу.
Октен, кој од далечната 2002 година води маалско дуќанче во населбата Хавузлубахче во областа Сејхан, поттикнат од големата желба и постојаните барања на децата, одлучил самиот да почне да изработува и да продава змејови.
Иако имал претходно искуство како столар, Октен во 2020 година, со чиста и искрена помош од децата во маалото, научил како точно се прави еден вистински змеј.
Тој со секој изминат ден сѐ повеќе го усовршувал овој занает и почнал да изложува најразлични, колоритни змејови во својот дуќан.
Фотографија : Bekir Ömer Fansa/AA
Кога почнал да ги споделува своите ракотворби на социјалните мрежи, неговата приказна стигнала до многумина, па почнале да пристигнуваат нарачки од различни градови низ земјата.
Денес, Октен има претворено дел од својот дуќан во вистинска мала работилница за змејови, од каде што ги испраќа своите дела низ татковината.
- „Дуќанот остана во втор план“ -
Во разговор за Анадолу, Ахмет Октен раскажува како токму децата му отвориле нова врата во животот и му донеле нов извор на егзистенција.
Тој вели дека со изработката на змејови започнал во деновите на пандемијата на Ковид-19 и дека оттогаш со неизмерна радост и уживање ја негува оваа вештина, а побарувачката за неговите прекрасни ракотворби со секој изминат ден сѐ повеќе расте.
Фотографија : Bekir Ömer Fansa/AA
Истакнувајќи дека неговото име веќе станало синоним за змејови, Октен со гордост вели:
„Од Адана испраќаме летала до секое место во Турција каде што стигнува автобус. Бидејќи производите се нежни и лесно кршливи, не ги праќаме по брза пошта. Нашите купувачи од други градови сами се организираат и ги подигнуваат пратките директно од автобуските станици во нивните места. Сите се презадоволни. Дури и нашите иселеници, уште пред да дојдат на одмор во татковината, ни ги оставаат своите порачки. Ние ги подготвуваме со љубов, а тие си ги земаат со себе кога се враќаат во земјите каде што живеат. Има фабрички произведени змејови, но тие, за жал, ја немаат таа душа, не можат да го пружат тоа вистинско задоволство. Нашите змејови се рачна изработка, па затоа, додека се вивнуваат и летаат на небото, имаат некоја посебна магија и привлечност. Токму затоа луѓето нè избираат нас.“
Посочувајќи дека продавницата, која му бил главен извор на егзистенција сè до пандемијата, сега е целосно во сенка на неговиот нов занает, Октен додава: „Змејовите станаа нашата најголема љубов и незаменлива работа, едноставно не можеме да се одвоиме од нив. Бакаллакот сега некако остана во сенка, во втор план. Моментално го користиме само просторот на дуќанот за да го негуваме овој наш занает.“
Изработката на змејови, што ја научи од децата во маалото, му стана извор на егзистенција