Мелодија на надежта меѓу урнатините: Виолончелото на Мурси е гласот на нова Сирија
- Мурси ја напуштил Сирија во 2016 година, патувајќи низ Европа и арапските земји, каде што преку звуците на своето виолончело се обидувал да го пренесе гласот на својот народ
Ömer Koparan, Ahmet Karaahmet, Muhammed Karabacak
15 Април 2026•Ажурирај: 15 Април 2026
photo: Bakr Al Kasem / AA
ДАМАСК
Сирискиот музичар Имад Мурси, со цел на светот да му го пренесе пустошот оставен од режимот на Асад и да подаде рака за надеж за децата останати без родители, засвире на своето виолончело меѓу урнатините на населбата Џобар во главниот град Дамаск, местото кое ги носи најтешките лузни од војната, јавува Анадолу.
Мурси ја напуштил Сирија во 2016 година, патувајќи низ Европа и арапските земји, каде што преку звуците на своето виолончело се обидувал да го пренесе гласот на својот народ.
По падот на режимот на Баас, тој се вратил во Дамаск со своето семејство. Кога отишол во населбата Џобар за да го посети својот најблизок пријател, ја дознал суровата вистина дека тој го загубил животот во војната.
Во разурнатиот дом на својот пријател, Мурси во негова чест ја извел сириската химна „Мавтини“ (Татковино). Во изјава за дописникот на Анадолу, Мурси рече дека продолжува да го пренесува јазикот на мирот преку музиката.
Истакнувајќи дека неговата цел е преку музиката да го привлече вниманието кон суровата реалност во областите опустошени по конфликтите, Мурси упати повик за поддршка на Сирија до целиот свет, до сите оние кои ја слушаат неговата музика, кои ја гледаат неговата земја на телевизиските екрани и кои ги читаат вестите за неа.
„Сакав овде, во срцето на Џобар, да ја раскажам приказната за оние што не можат да зборуваат“, рече Мурси.
„За семејствата што се распарчија како овие згради, за ранетите души и за децата кои во урнатините го бараат ликот на своите родители.“
- „Се надевам дека оваа убава земја повторно ќе никне“ -
Нагласувајќи дека последиците од војната сè уште длабоко се чувствуваат и дека разурнувањето оставило трајни лузни во општеството, Мурси изрази надеж за процесот на обнова.
„Се надевам дека оваа прекрасна земја повторно ќе се изгради. Глетките што ги гледате се суровото лице на војната. Оваа болка не ја чувствуваме само ние, туку ја споделуваат и луѓето низ светот кои нè гледаат и нè поддржуваат“, рече тој.
Цврсто верувајќи дека нотите можат да го кажат она за што зборовите немаат сила, Мурси порача: „Музиката е единствениот јазик на светот на кој не му треба превод. Таа е моќен крик што може да ја пренесе нашата болка и нашиот глас дури и до крајот на светот”.
Зборувајќи за изведбата на „Мавтини“, тој истакна дека ова дело го отсликува чувството на припадност и длабокото влијание на загубите.
„На крајот, повторно сме во нашата татковина. Нашата надеж е дека условите ќе се подобрат и дека Сирија повторно ќе стане убава земја, верувам дури и поубава од кога било“, порача сирискиот виолончелист.
Мелодија на надежта меѓу урнатините: Виолончелото на Мурси е гласот на нова Сирија