Ömer Faruk Yıldız
21 Јули 2019•Ажурирај: 24 Јули 2019
ШАХ АЛАМ (AA) - Омер Фарук Јилдиз
Куируниса Енданг Вахиуди е млада жонглерка од Малезија, која со своите вештини со топката го привлекува вниманието на љубителите на фудбалот низ светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Талентираната 19-годишна Вахиуди носи хиџаб, што ја прави уште повеќе поединствена меѓу спортистите кои се занимаваат со уметнички и акробатски перформанси со топка.
Нејзините видео-клипови на интернет станаа глобални вирални хитови, а нејзиниот профил на Инстаграм го следат повеќе од 100.000 корисници на таа социјална мрежа.
Вахиуди е и успешна студентка на Факултетот за арапски јазик и книжевност на Меѓународниот универзитет „Aл Мадинах“, а со топката тренира најмалку четири дена во неделата.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) Вахиуди рече дека никогаш не ја интересирал фудбалот, туку како тинејџерка веднаш се вљубила во фудбалската дисциплина слободен стил.
„Пред три години почнав да тренирам слободен стил. Во тој период помладиот брат го водев на фудбалскиот терен и ме заинтересира вештината на контрола на топката. Со мажите не можев да играм, родителите ми рекоа дека фудбалот е тежок спорт за жените, па почнав да истражувам и да го развивам сопствениот стил и пристап во тој спорт“, рече Вахиуди.
Таа нема тренер, туку сите движења и перформанси ги учи со помош на видео-снимки објавени на интернет, претежно на „Јутуб“ (YouTube).
Популарноста ѝ порасна откако и самата почна да објавува снимки на интернет, а неодамна беше гостин и во германски Минхен, каде што запозна бројни фудбалски ѕвезди, вклучувајќи го и Карл-Хајнц Ридле.
Вахиуди стана инспирација за девојките и за жените низ светот, а посебно во арапскиот и муслиманскиот свет, па од наредната година ќе работи како тренер на девојките што се заинтересирани за слободен фудбалски стил.
„Слободниот стил на жонглирање е корисен и за психичкото и за физичкото здравје. И јас имав проблем со вишок килограми и мразев вежбање. Љубовта кон овој спорт ми помогна и сега немам такви проблеми“, рече Вахиуди.