Haydar Karaalp
23 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
БАГДАД (АА) – ХАЈДАР КАРААЛП -
Ирачкиот наставник по музичко образование, Маџид Ќазим, со преобразувањето на неговата пушка „калашников“, во музички инструмент, сака да упати пораки за мир до целиот свет од неговата земја уморна од насилства, пишува Anadolu Agency (AA).
Маџид Ќазим, наставник по музика во средно училиште во Багдад, главниот град на Ирак, вложи голем труд за да да упати пораки за мир од неговата земја, која е измачена од војна и терор со години.
Наставникот, пушката „калашников“, која долго време стоела во агол на неговата куќа, со некои додатоци ја претвори во жичен инструмент.

- „Оружјето од инструмент на смртта го претворив во инструмент на мирот“ -
Во разговорот со дописникот на Anadolu Agency (АА), Ќазим истакна дека со музиката започнал како хоби уште од раната возраст и дека неговиот интерес се зголемил следните години.
Сега, тој како учител ги охрабрува своите ученици да се занимаваат со музика.
Ќазим, истакнувајќи дека е длабоко вознемирен од насилствата и губењето животи во неговата земја, рече дека поради тоа донел одлука неговата пушка да ја претвори во музички инструмент.
„Имавме тешка секташка граѓанска војна во Ирак. Оваа војна ја изгоре целата земја. Во оваа војна плански беа убиени пилоти, адвокати, универзитетски професори, дури и агенти за недвижнини. Ова во тој период (2006-2009 година) беше претворено во дневна мода. Сакав звукот на куршумот во пушката што во нашата земја се користеше за убивање луѓе да го заменам со музички звук“, вели Ќазим.
Ирачкиот наставник го опиша и процесот на преобразување на пушката во музички инструмент.
„Како народ не можевме ништо да сториме за тоа што се случуваше, бевме очајни. Еден ден купив кутија за воена муниција и ја поставив во средината на пушката калашников. Со помош на столар и со голем личен труд на пушката ѝ додадов жици од музичкиот инструмент уд. Така, оружјето од алатка за војна го преобразив во инструмент за мир.“
- Другар ми реагираше со зборовите: „Луд ли си?“ -
Ќазим, кога ја кажал идејата дека сака неговото оружје да го претвори во музички инструмент, негов колега кој продавал музички инструменти му рекол: „Зошто се мачиш со тоа. Луд ли си? Јас ќе ти го дадам оној музички инструмент што ќе го посакаш.“
На пријателот му одговорил дека инсистира да го направи тоа и дека сака да упати пораки за мир преку музичкиот инструмент добиен од оружје.
Ќазим рече дека за своите ученици во училиштето ги изведува песните на Уму Ѓулсум и Фејруз, а исто така ја изведувал и ирачката национална химна.
- „Да ставиме крај на страдањата и војните“ -
Наставникот вели дека Владата на Ирак нема политика за поттикнување и поддршка на ваквите проекти.
„Нашата влада не ја разбира и не сака да ја разбере музиката на мирот.“
Тој, истакнувајќи дека сака во неговата земја да преовладува мирот, а не војната, порача:
„Дојдете да ставиме крај на страдањата и војните заради децата и тажните мајки кои ги загубија своите сопрузи. Насилствата да ги оставиме настрана и пушките калашников, кои се најосновното оружје во војните, да ги претвориме во инструменти на мирот.“