Burak Akay
23 Август 2016•Ажурирај: 25 Август 2016
ЧАНАККАЛЕ (АА) - Турскиот нуркач, Озан Онен, нуркајќи на длабочина од 17 до 18 метри, со харпун успеа да улови туна долга два метри и тешка 130 килограми, јавува Anadolu Agency (AA).
Онен нуркаше во водите во близина на островот Бозкада (Тенедос) во североисточниот дел на Егејското море. Бидејќи тргнал на лов со себе имал харпун. Онен истакнува дека одеднаш пред себе здогледал туна која била поголема од него.
Бидејќи Онен е професионален ловец со харпун и со оваа работа се занимава веќе 15 години, точно знаел каде треба да ја погоди рибата за да ѝ нанесе смртоносен удар.

„На длабочина 17-18 метри уловив туна тешка 130 килограми. И пред тоа имав сличен лов. Искусен сум на ова поле, но уловот е секако возбудлив. Благодарејќи на искуството што го имам, останав мирен и имав добар удар. Харпунот погоди на добро место и отпорот на рибата веднаш беше намален. Истрелав уште еден харпун за да бидам сигурен, а потоа ја извлековме рибата од морето”, вели турскиот нуркач.
Тој додаде дека ова досега е најголем улов во Турција во природно опкружување, без помошна опрема.
Онен имал подводна камера прицврстена на харпунот, така што ги забележа моментите од ловот. Рибата ја расече и ја подели на семејството и пријателите.
Туната е риба од фамилијата скуша (Scombridae). Претставува извонреден пливач и може да порасне до четири метри. Живее во сите мориња, освен во Поларното. Може да плива со брзина од 70 км/ч, а се храни со други риби.