Şaduman Türkay
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Мачорот (9) по име „Башкан“ (што на турски јазик значи министер), кој сопственичката Шуле Озџан од турска Бурса не го одвојува од себе поради стравот да не го изгуби откако ја победил смртоносната болест ФИП (инфективен перитонитис), денес плива во море, се вози во кану, јава коњи, се спушта со сноуборд и оди во кино, придружувајќи ја својата сопственичка во секој миг од животот, јавува Анадолу.
Озџан го посвоила мачорот кога имал две години, а набрзо дознала дека тој боледува од ФИП, по што започнала тешката и мачна борба за оздравување.
Со поддршка од ветеринари, таа набавувала лекови од странство и во секој миг од денот била покрај него. Го хранела со рака, му давала вода со шприц и успеала да го одржи во живот. Силната врска што се создала во тој период, ја зацврстила довербата на мачорот во својата сопственичка.
Поради стравот дека болеста може повторно да се појави, Озџан не го остава мачорот сам ниту за миг и го обликува својот живот околу него.
Мачорот Башкан сосема се приспособил на нејзиниот активен животен стил. Во летниот период додека крстосувале, тој се запознал со водата, а со текот на времето научил и да плива, па ја придружувал и при нуркањето, па дури пливал и на отворено море.
Башкан имал прилика да плива и со светската рекордерка во слободно нуркање, националната спортистка Шахика Ерџумен.
Зиме оделе на планината Улудаг и поминувале време на снегот. Башкан почнал да се вози и на сноуборд седејќи во скутот на својата сопственичка.
Живеејќи во хармонија со природата, мачорот јавал на коњ заедно со Озџан.
Тие двајца уживаат и во возење кану, а во дождливите денови одвреме-навреме ги посетуваат и кино-салите. Башкан ја придружува својата сопственичка на сите патувања во странство и заедно ги дочекуваат зајдисонцата.
Со својот социјален карактер, тој лесно се приспособил не само на својата сопственичка, туку и на луѓето околу него, како и на другите животни.
Под надзор на Озџан, мачорот се дружи со животните во околината, а секоја вечер ги посетува и соседите, создавајќи свој сопствен социјален круг.
Шуле Озџан, која е дипломиран инженер по електроника, за Анадолу вели дека го посвоила Башкан кога имал 2 години, а по 5 месеци дознала за смртоносната болест. Таа истакна дека за време на болеста, кај мачорот се развило силно чувство на доверба: „Поради тоа, Башкан не се прашува каде и дали одиме. Ме следи каде и да тргнам. Секогаш е со мене. Постојано го поминуваме времето заедно.“
„Прво почнавме да одиме на нуркање. Доаѓаше со мене на бродот, а потоа самиот почна да плива. Тоа многу нè изненади. Скокна од бродот додека бевме на отворено море и одеднаш почна да плива. Навистина е брз пливач“, вели Озџан.
Раскажувајќи дека почнале заедно да ги практикуваат сите спортски активности од нејзиниот живот, таа додаде и дека почнала да го носи на јавање коњи. Озџан вели дека мачорот почнал многу да влијае врз нејзиниот сопствен живот: „Заедно јаваме коњи. Сега времето го поминувам повеќе со мојпт мачор отколку со пријателите. Понекогаш навечер сака само да се дружи со соседите. Тоа ми го кажува сосема директно.“
Озџан вели дека е пресреќна што нејзиниот мачор е толку „отворен за комуникација“ и дека многу јасно покажува кога сака нешто.