Şebnem Coşkun
05 Јануари 2019•Ажурирај: 07 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - ШЕБНЕМ ЏОШКУН -
Општопознато е колку пливањето има корист за човечкиот организам, особено кога станува збор за малите деца. Постојат голем број родители кои децата ги запишуваат на пливање и веруваат дека тоа придонесува за интелигенцијата, рамнотежата, координацијата и за перцептивните способности на децата, и дека генерално позитивно дејствува на нивниот развој, јавува Anadolu Agency (AA).
Сѐ поголем е бројот на родители кои децата ги запишуваат на пливање, па дури и кога имаат само два месеца.
Освен тоа, пливањето во значајна мерка придонесува за јакнењето на поврзаноста меѓу родителот и детето. Пливањето, исто така се препорачува за аутистичните, како и за деца со други посебни потреби.
Елиф Асена Килиџ е тренер по пливање за бебиња во Истанбул, градот во кој е сѐ поголема побарувачката за курсевите за пливање на бебињата. Во разговор за АА истакна дека курсот за пливање е наменет за бебињата и за деца на возраст до пет години.
Истакнува дека пливањето е многу корисно за децата, и додава дека што побргу децата се запознаат со пливањето, тоа за нив е покорисно.
„Многу е важно развојот на мускулите, телесната активност и општествениот развој на детето да започнат што побргу. Децата кои рано тргнуваат да пливаат се чекор пред своите врсници“, истакнува Килиџ.
Таа додаде дека пливањето има позитивни ефекти кога станува збор за проблемите со исхраната и спиењето кај децата.
Алпер Асан, кој синот го запишал на пливање додека имал само седум месеци, истакнува дека неговиот син сега има две години и четири месеци, и дека пливањето многу придонело за неговиот развој.
„Можевме да забележиме колку пливањето придонесе за јакнење на неговата самодоверба. Им препорачувам на сите родители децата да ги запишат на пливање во првите шест месеци од животот“, изјави Асан.
Фоторепортерот на АА забележа необично убави фотографии на бебиња кои нуркаат и пливаат.