Ivana Ramadanova
09 Април 2017•Ажурирај: 10 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Под мотото „Македонија против насилство врз животните!“, денес стотина граѓани со своите миленици во Скопје одржаа протестен марш, во организација на Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, собирот е повик до надлежните институции да го запрат масовното труење на бездомните животни, а воедно да се забрани слободната продажба на отровите.
Адвокатката Наталија Миленкова како дел од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, истакна дека населението треба да знае оти фрлањето отров претставува сериозно кривично дело што се гони по службена должност.
„Во зависност од доказите што ќе бидат обезбедени од страна на истражните органи на лице место, истото може да биде квалификувано како предизвикување општа опасност за што е предвидено казна затвор од пет години. Или во најмала рака, за мачење и малтретирање на животните се предвидува казна затвор од една година", истакна Миленкова.
Граѓаните побараа од надлежните институции достапноста на отровите да ја ограничат и да донесат законска регулатива во којашто секој што има потреба од користење на такви супстанци да мора да поседува дозвола или да биде регистриран, за како што велат, да се знае кој купува и за каква намена купува со што би се стеснил кругот на сторителите на овие дела.
Протесниот марш во Скопје следуваше по низата труења на бездомните животни од расфрланиот отров насекаде низ градовите, како и по случаите со застрелани и обесени кучиња. Насобраните граѓани заедно со своите домашни миленици маршираа до Законодавниот дом па се до просториите на Град Скопје.