Ekipa
05 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон во телевизиско обраќање вечерва го објави стапувањето на сила на новиот карантин на национално ниво почнувајќи од утре, до средината на февруари, со цел да се спречи зголемениот број случаи на Ковид-19 во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во четвртото обраќање на Џонсон до нацијата од почетокот на пандемијата, тој рече дека новата мутирана варијанта на Ковид-19 е фрустрирачка и алармантна бидејќи е попренослива за 50, односно 70 отсто.
Тој нагласи дека болниците се под сериозен притисок, со пораст на смртните случаи за 20 отсто во текот на изминатата недела.
Постојат ограничени исклучоци: одење на работа доколку не постои можност да се работи од дома, купување храна и лекови, спортување, грижа за лица од ранливите категории или за медицински преглед.
Сите основни и средни училишта, како и колеџите, ќе започнат со настава на далечина до средината на февруари. Децата на есенцијалните работници и ранливите категории ќе можат да присуствуваат на настава во училиштата.
Тој рече дека училиштата не се небезбедни и дека е мала веројатноста децата да се разболат сериозно од Ковид-19, но дека и покрај тоа училиштата можат да дејствуваат како вектори на пренесување - предизвикувајќи ширење на вирусот меѓу домаќинствата.
Џонсон соопшти дека се планира карантинот да се укине кон средината на февруари. Тој рече дека дотогаш, Владата ќе може да спроведе вакцинација на повеќето клинички ранливи категории во општеството, како и на здравствените работници, и со тоа да овозможи земјата да продолжи од таа точка понатаму на побезбеден начин.
- „Крајот на повидок, но засега останете дома“ -
„Благодарение на чудото на науката, не само што се гледа крајот, туку точно знаеме како ќе стигнеме дотаму“, рече Џонсон. „Но, засега сметам дека мора уште еднаш да останете дома, да ги заштитите здравствените работници [Националната здравствена служба] и да спасите животи“.
Податоците на британската Влада објавени денес покажаа дека во последното деноноќие регистрирани се нови 58.784 случаи на вирусот, што е највисок дневен број од почетокот на пандемијата.
Ова е седми ден по ред во кој случаите надминаа 50.000. Вкупниот број на позитивни случаи од почетокот на пандемијата во земјата достигна над 2,71 милиони.
Во изминатите 24 часа починати се уште 407 лица, со што вкупниот број на жртви достигна 75.431.
- Највисоко ниво на аларм -
Пред обраќањето на Џонсон, четворицата главни здравствени претставници во Обединетото Кралство, претставници на секој од четирите делови од Унијата, за првпат го зголемија нивото на предупредување за коронавирусот во Велика Британија од 4-то на 5-то, највисоко ниво.
Ниво 5 означува дека постои ризик од пренатрупаност на здравствените капацитети и услуги.
Системот за предупредување за Ковид-19 е посебен од системот на степенување што функционира во Англија.
Шкотската премиерка Никола Старџен во текот на денот објави целосен карантин низ цела континентална Шкотска и поголемиот број нејзини острови до крајот на јануари, кој стапува на сила од вечерва на полноќ.
„Од суштинско значење е дополнително да ги ограничиме контактите помеѓу различните домаќинства за да се спречи ширењето и да се врати ситуацијата под контрола, додека вакцинираме што повеќе луѓе“, рече Старџен.