Ekipa
03 Октомври 2020•Ажурирај: 03 Октомври 2020
ЧАНДИГАР (АА) - Бројот на смртни случаи од коронавирусот во Индија надмина 100.000. откако во последните 24 часа во земјата се регистрирани 1.069 починати, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство соопшти дека бројот на починати изнесува 100.842, и дека во изминатите 24 часа има пријавено нови 79.476 случаи на вирусот, со што вкупниот број на досега заразени достигна над 6,4 милиони.
Американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, кој ги собира податоците за коронавирусот, ја рангираше Индија како трета земја на глобално ниво по смртноста од вирусот и како трета земја што ја надминала бројката од 100.000 смртни случаи.
Министерството за здравство соопшти дека голем број индиски сојузни држави пријавиле пад на бројот на активни случаи во текот на минатата недела.
„25 држави пријавија пад на бројот на активни случаи во текот на минатата недела. Поголемиот дневен број на оздравени и постојаната регресија на стапката на смртност доведуваат до помал број на активни случаи на дневно ниво“, соопшти Министерството на Твитер.
Индија оваа недела објави нови упатства за отворање на повеќе дејности на национално ниво.
Индија во март прогласи состојба на карантин, со цел да го спречи ширењето на коронавирусот. Во јуни земјата почна со етапно продолжување на економските активности.
Додека Индија во последно време го зголеми бројот на тестирања на дневно ниво, едно истражување објавено во медицинско списание проценува дека земјата имала 6,4 милиони заразени пред три месеци. Во истражувањето се наведува дека тогаш во земјата се правеле помалку тестирања.
Оваа недела, друго истражување покажа дека до август можно е 7 отсто од возрасната популација во земјата да била изложена на вирусот.
Експертите во земјата велат дека Индија дури може да ги надмине и Соединетите Американски Држави (САД) - најтешко погодената земја во светот - според димензиите на пандемијата.