ЖЕНЕВА
Брзото ширење на варијантата Омикрон на новиот тип коронавирус (Ковид-19) во европските земји ги принуди владите да преземат нови мерки, како што е одлуката за примање на доза за потсетување, пишува Агенција Анадолија (АА).
Според Светската здравствена организација (СЗО), варијантата Омикрон се шири со досега невидена брзина на ниту една варијанта и наскоро ќе ја замени варијантата Делта и ќе стане доминантна.
Организацијата нагласува дека варијантата Омикрон за само неколку недели ќе се искачи на врвот во однос на бројот на заразени, и затоа владите и другите институции треба да ги засилат своите напори за два, три и четири пати.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, истакна дека варијантата Омикрон е откриена во 77 земји во светот, но дека таа бројка на земји е многу поголема.
Од друга страна, Гебрејесус, реагира на тоа што некои земји го започнаа администрирањето на бустер дозата за сета возрасна популација веднаш по појавувањето на варијантата Омикрон.
Подвлекувајќи дека нема докази за ефективноста на бустер дозата против оваа варијанта, Гебрејесус рече дека се загрижени што таквите програми ја зголемуваат нееднаквоста до пристапот на вакцините.
И покрај овие предупредувања од СЗО, многу земји во Европа како што се Швајцарија, Германија, Англија, Данска, Холандија и Белгија, решија да започнат со администрирање на бустер дозата.
Брзото ширење на варијантата Омикрон, голем број земји во Европа ги принуди да преземат нови мерки како што се отежнување на влезот и излезот од земјите.
Швајцарија
Во Швајцарија по регистрирањето на варијантата Омикрон на Ковид-19, воведени се нови ограничувања.
Секој кој ќе влезе во земјата, баз разлика дали има примено вакцина или не, треба да пополни формулар за влез и да направи тест.
Дополнително на тоа, сите вакцинирани и невакцинирани мораат повторно да направат тест од четвртиот до седмиот ден по влегувањето во Швајцарија и резултатот од тестот да го пријават до властите на кантоните.
„Свисмедик“, кој ја регулира легислативата во областа на лекувањето и здравјето во Швајцарија, ја одобри третата бустер доза на Ковид-19 за лица на возраст над 16 години.
Бројот на заболени во земјата минатата недела изнесуваше околу 10.000 дневно, оваа недела се намали на околу 5.000. Од заболените, 2,5 отсто се со варијантата Омикрон.
Германија
Германија варијантата Омикрон се обидува да ја спречи со бустер дозата од вакцините. Целта е во земјата да се администрираат 30 милиони бустер дози до крајот на годинава.
Со цел да се спречи варијантата Омикрон на места каде што се собираат луѓе, се применува правилото 2Г (вакциниран или излекуван) или 2Г плус (вакциниран или излекуван и дополнително тестиран).
За да се поттикне вакцинацијата со бустер дозата, многу држави не бараат негативен резултат од тестот за Ковид-19 кај оние кои ја примиле третата доза од вакцината.
Доколку бројот на случаи се зголемува, државите имаат можност да преземат подрастични мерки.
Бројот на регистрирани случаи на Омикрон во Германија е околу 80.
Велика Британија
Во Велика Британија, Парламентот почна да носи серија ограничувања, вклучително и пасоши за вакцинација, како дел од борбата против варијантата Омикрон која почна да се шири многу бргу.
Во рамките на регулативата, стана задолжително носењето маска на повеќето затворени места како театри и кина, а при влез на места како што се ноќни клубови, се прикажува документ за статусот на вакцинација или негативен тест.
Пасошот за вакцинација ќе се применува за затворени места со повеќе од 500 луѓе, отворени површини со повеќе од 4.000 луѓе и за секое место со повеќе од 10.000 луѓе. На овие места ќе може да влегуваат оние кои имаат најмалку 2 дози вакцина или кои ќе покажат негативен тест.
Покрај тоа, донесена е и регулативата за вакцинација на здравствените работници од април.
Најавено е дека во земјата бројот на случаите со варијантата Омикрон може да надминат 1 милион до крајот на месецот. Од понеделникот е вратена практиката на работа од дома.
Откако беше објавено дека ќе започне администрацијата на третата бустер доза, се формираа долги редици пред болниците и центрите за вакцинација.
Нивото на аларм во неделата е подигнато од 3 на 4 по брзиот раст на случаите на варијантата Омикрон, која првпат во земјата беше регистрирана на 27 ноември.
Експертите предупредија дека доколку не се преземат драстични мерки против варијантата Омикрон во земјата, животот може да го загубат од 25.000 до 75.000 луѓе.
Франција
Во Франција се откриени 133 случаи на варијантата Омикрон.
Во земјата против варијантата Омикрон и зголемувањето на бројот на заболени преземени се одредени мерки.
Децата од возрасната група од 5 до 11 години, кои се сметаат во групата „ризични“ од здравствен аспект, од денеска ќе можат да се вакцинираат против Ковид-19.
Од 10 декември ноќните клубови се затворени на еден месец.
Италија
Во Италија, каде што во последните недели бројот на случаи е зголемен, Владата како дел од борбата против епидемијата, со декрет издаден вчера ја продолжи вонредната состојба до 31 март 2022 година.
Во последните 24 часа во земјата се регистрирани над 20.000 случаи, откриени се 27 случаи на варијантата Омикрон.
Италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, со посебен декрет што го потпиша во рамките на вонредната состојба донесе нови мерки за оние кои доаѓаат од земјите на Европската Унија (ЕУ).
Според тоа, луѓето кои ја примиле вакцината против Ковид-19 од ЕУ се обврзани да покажат „негативен“ резултат од тестот пред нивното патување во Италија.
Покрај условот за „негативен“ тест, оние кои ќе дојдат од Европа, а не се вакцинирани, од денот на влегувањето во Италија, ќе останат во карантин 5 дена.
Примената на новата регулатива ќе започне на 16 декември и ќе трае до 31 јануари 2022 година.
Поради варијантата Омикрон, Италија ги продолжи забраните за патување што ги воведе за Јужна Африка, Лесото, Боцвана, Зимбабве, Мозамбик, Намибија, Есватини и Малави на 26 ноември до 31 јануари 2022 година.
Шпанија
Во Шпанија варијантата Омикрон на Ковид-19 е откриена за првпат на 29 ноември. Според најновите податоци на шпанското Министерство за здравство, регистрирани се 49 случаи на варијантата Омикрон.
Министерството соопшти дека само 17 од овие случаи се патници кои се дојдени од земјите на југот на Африка.
Шпанија во моментов наметнува 10-дневен карантин за патниците кои пристигнуваат од девет земји во јужна Африка.
Од друга страна, во земјата продолжува високиот пораст на бројот на новозаболени од Ковид-19. Министерството извести дека во последните 24 часа се откриени над 26.000 нови случаи, а починаа 58 лица.
Меѓу другото, во земјата од 14 декември започна и вакцинацијата на децата на возраст 5 - 11 години против Ковид-19. Седумдесет и девет отсто од населението ја има примено втората доза од вакцината. Се дискутира за третата доза, која пред околу еден месец започна да се администрира кај лицата над 60-тата година и да се применува и за оние до 40-годишна возраст.
Иако мерките за Ковид-19 се спроведуваат според одлуките на 17 автономни администрации во земјата, генерално нема некои големи ограничувања.
Австрија
Според последните податоци што ги објави Министерството за здравство во Австрија, низ земјата се откриени 59 случаи на варијантата Омикрон.
Австрискиот министер за здравство, Волфганг Мукштајн, истакна дека варијантата Омикрон се шири побрзо од варијантата Делта, но во досега откриените случаи текот на болеста е лесна.
За да се спречи ширењето на варијантата Омикрон, во земјата е воведен построг карантински процес за лицата кои имале контакти со заразени.
Според ова, лицата кои биле во контакт со заразен, без разлика дали се вакцинирани или не, мора да одат во карантин од 14 дена.
За варијантата Делта, периодот на карантин е 10 дена. Можно е да се излезе од карантин доколку резултатот од ПЦР-тестот на петтиот ден биде негативен.
Белгија
Варијанта Омикрон за првпат беше откриена во Јужна Африка. Првиот случај на Омикрон во Европа беше регистриран во Белгија.
По откривањето на варијантата Омикрон на 26 ноември во Белгија, беше објавено дека оваа варијанта брзо се шири.
Заклучно со 14 декември се наведува дека во Белгија, 3 проценти од откриените дневни случаи на Ковид-19 се од варијантата Омикрон. Ова одговара на 400 случаи на Омикрон од вкупно над 13.000 случаи дневно.
Белгиските здравствени власти предвидуваат дека Омикрон ќе ја премине варијантата Делта кон крајот на јануари и ќе стане доминантна варијанта во земјата.
По откривањето на новата варијанта во земјата, не се преземени дополнителни мерки.
На заострените мерки донесени во ноември со доаѓањето на есента, не се додадени нови мерки.
Белгиската Влада сака процентот на вакцинираните во земјата да се зголеми и оние кои се целосно вакцинирани да ја земаат третата доза. За таа цел се очекува нова кампања за третата доза која треба да започне пред крајот на годинава.
Се наведува дека Владата на дневен ред ја ставила и идејата вакцинирањето да стане задолжително за пошироката јавност. За тоа следната недела ќе се разговара и во Владата.
Во Белгија, вакцината против Ковид-19 ќе биде задолжителна за здравствените работници од 1 април.
Бугарија
Во Бугарија не се откриени случаи на варијантата Омикрон.
Кирил Петков, премиерот на новата коалициска Влада, истакна дека кампањата за вакцинација ќе биде во прв план за да не мора да се затвори економијата против новиот бран на епидемијата.
Холандија
Во Холандија, „делумното затворање“ кое е донесено поради Ковид-19, е продолжено за еден месец.
Привремената Влада соопшти дека тринеделното „делумно затворање“, кое стапи во сила поради зголемениот број случаи на Ковид-19, ќе биде продолжено за еден месец, со цел да се спречи ширењето на варијантата Омикрон. „Делумното затворање“ ќе остане во сила до 14 јануари.
Согласно мерките кои започнаа на 28 ноември и се продолжени до 14 јануари, продавниците ќе бидат затворени од 17 часот навечер.
Кафулињата, рестораните и супермаркетите ќе бидат отворени од 5:00 до 20:00 часот.
Владата која проценува дека варијантата Омикрон ќе предизвика нов бран, наведе дека кон крајот на јануари третата доза вакцина ќе може да ја прими секој кој има над 18 години.
Првпат варијантата Омикрон во земјата е откриена кај 18 од 624 патници кои се вратија од Јужна Африка на 26 ноември.
Државниот институт за здравје и животна средина (RIVM), кој е во рамките на холандското Министерство за здравство, соопшти дека бројот на носители на варијантата Омикрон во земјата е 105.
Грција
Од друга страна, Грција не презеде дополнителни мерки против варијантата Омикрон, а во земјата се откриени 5 случаи на варијантата.
Данска
Во Данска, каде што дневниот број на заболени е околу 10.000, од 22 ноември досега се откриени 3.437 случаи на Омикрон.
Се очекува варијантата Омикрон да стане доминантна варијанта оваа недела. Одлучено е да се администрира трета доза од вакцината (бустер доза) кај лица постари од 40 години за оваа варијанта да се стави под контрола.
Норвешка
Во Норвешка во последните денови се забележани рекорден број случаи и хоспитализации на пациенти заразени од Ковид-19.
Норвешките власти предупредија дека ситуацијата во земјата е сериозна и дека Омикрон може да зарази меѓу 90.000 и 300.000 луѓе во следните три недели.
Во понеделникот се пријавени 958 случаи на Омикрон, од кои 472 во главниот град Осло.
Служењето на алкохол во рестораните и баровите во земјава е забрането, исто така, упатен е повик луѓето да работат од дома.
Унгарија
Во Унгарија, варијантата Омикрон е откриена кај 2 лица на 13 декември. Во земјата не се преземени мерки против варијантата Омикрон.
news_share_descriptionsubscription_contact
