Servet Günerigök
26 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
ВАШИНГТОН
Горниот дом на американскиот Конгрес, Сенатот, рано утринава го усвои пакетот со помош о 2 трилиони долари за да се ублажат последиците од ударот на пандемијата на коронавирусот врз економијата на САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката за одобрување за издвојување на најголемиот пакет со помош во историјата во САД е усвоена едногласно во Сенатот, а в петок за истото треба да одлучи и Претставничкиот дом.
Пакетот помош, договорен вчера од лидерите на Белата куќа и Сенатот, вклучува 500 милијарди долари за помош за големите корпорации, 367 милијарди долари за програмата за помош на мали бизниси и заеми и 150 милијарди долари за помош од јавниот сектор или локалната власт. Граѓаните во Америка ќе добиваат помош во висина од 1.200 долари и по 500 долари за децата сѐ додека нивниот годишен приход не надмине 75.000 долари. Исто така се зголемува и исплатата на помош за невработените.
Пакетот вклучува и 340 милијарди долари за поддршка на борбата против коронавирусот. Меѓу другото, 117 милијарди долари се наменети за болниците, 45 милијарди долари за фондот за природни непогоди и 11 милијарди долари за потрагата по вакцини, лекови и други медикаменти.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 190 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 471.000. Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 21.000 лица.