Islam Doğru
21 Мај 2020•Ажурирај: 22 Мај 2020
ЊУЈОРК
Во Соединетите Американски Држави (САД), во изминатите 24 часа забележани се 1.422 смртни случаи кои се доведуваат во врска со коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Податоците на интернет-страницата „Worldometer“, на која се достапни последните податоци во врска со епидемиолошката ситуација во светот предизвикана од коронавирусот, покажуваат дека бројот на починатите од последиците на заразувањето со Ковид-19 пораснал на 95.016.
Во изминатиот ден е потврдено заразување кај уште 22.967 лица, со што вкупната бројка на заразени од Ковид-19 достигна 1.595.081.
Бројката на лица кои се излекувани откако им е дијагностициран Ковид-19, порасна на 371.000.
Жариштето на коронавирусот во САД е Њујорк, каде што се заразени 364.249 лица, а починаа 28.758. Според бројот на заразени следуваат Њу Џерси и Илионис.
Во САД од почетокот на пандемијата тестирани се близу 14.178.000 примероци.
САД со најмногу случаи на заразување со коронавирусот, сѐ уште се наоѓаат на врвот на листата на земјите погодени од пандемијата. Следуваат Русија (317.554), Бразил (294.152) и Шпанија (279.524).