Şenhan Bolelli
09 Април 2020•Ажурирај: 09 Април 2020
МАДРИД
Во Шпанија, во последните 24 часа починаа 683 лица заразени со новиот тип коронавирус, со што бројот на смртни случаи е зголемен на 15.238, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Министерството за здравство на Шпанија е соопштено дека е потврдено заразување кај уште 5.756 лица, и дека вкупниот број на заразени сега изнесува 152.446.
Бројот на излекувани од почетокот на заразувањето во таа земја достигна 52.165.
Во соопштението се наведува дека бројот на починатите достигнал врв на 2 април кога починале 950 заразени во еден ден, по што на 3 април се забележани 932 смртни случаи, 4 април - 809, 5 април - 674, 6 април - 637, што укажуваше на пад на бројот на починатите. Но, во изминатите два дена од заразување со Ковид-19 настрадаа 743, односно 757 лица.
Денеска тој број е повторно во пад.
Жариштето на коронавирусот во Шпанија е сѐ уште во Мадрид, каде што вкупниот број на заразени е зголемен на 43.877, додека починале вкупно 5.800 лица.
Шпанскиот премиер Педро Санчез на денешното заседание на Парламентот зборуваше за продолжување на вонредната состојба.
Тој изјави дека на почетокот на епидемијата во Италија е забележан раст на бројот на заразените од 22 отсто, додека сега изнесува само 4 отсто.
„Светот не може да се врати во нормала додека не се пронајде вакцина против коронавирусот“, изјави Санчез.
Тој ги повика политичките партии во таа земја да се обединат во борбата против заразната болест.
Се очекува по гласањето во Парламентот вонредната состојба да биде продолжена до полноќ на 25 април.