Ekipa
05 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
БРИСЕЛ (АА) - Евопската Унија (ЕУ) ќе предложи независна истрага за потеклото на пандемијата на коронавирусот пред Собранието на Светската здравствена организација (СЗО), соопшти денес портпаролката за надворешни работи на блокот.
„Деталното откривање на епидемиологијата на пандемијата на коронавирусот е од суштинско значење за јавните власти за да можат да донесуваат информативни одлуки“, изјави Вирџини Бату-Хенриксон за Агенција Анадолија (АА).
Дипломатите на ЕУ во моментов работат на Нацрт-резолуцијата којашто ќе биде претставена пред Собранието на 18 мај.
Документот повикува на независен преглед на научените лекции од глобалната здравствена криза со цел да се подготви меѓународната заедница за идните предизвици.
Според Бату-Хенриксон, предлогот, во кој се нагласува важноста на „мултилатералниот одговор придружен со глобалната солидарност и координација“, е поздравен од другите дипломати на СЗО и невладините организации. Преговорите ќе продолжат оваа недела.
Во меѓувреме, во интервју за францускиот „Ле журнал ду Диманш“, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, зборуваше за важноста на независната истрага.
Истрагата треба да отстапи од „борбеното поле меѓу Кина и Соединетите Американски Држави (САД), кои меѓусебно се обвинуваат за настаните што само го продлабочија нивното ривалство“, рече тој.
Минатиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го прекине финансирањето на СЗО и ја обвини агенцијата на ОН за лошо раководење и за прикривање на појавата на вирусот поради притисоци од Кина.
Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан, вирусот се рашири во најмалку 187 земји и региони во светот, покажуваат податоците на Центарот за податоци за коронавирусот при американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Во светот има над 3,6 милиони дијагностицирани со Ковид-19, близу 252.000 смртни случаи и над 1,1 милиони излекувани лица.