АНКАРА
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во писмото до американскиот колега Доналд Трамп напиша дека верува оти со заеднички сили ќе победат во борбата против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Верувам дека со заеднички напори ќе го победиме Ковид-19, дека со лекциите научени во борбата против оваа криза и развиените нови можности посилно ќе напредуваме кон иднината кога станува збор за јавното здравство“, напиша Ердоган во писмото што го испрати заедно со контигентот со помош во медицинска опрема, што им е потребна на САД во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Нагласувајќи ја неопходноста на соработката во борбата против пандемијата што го погоди целиот свет, вклучувајќи ги и Турција и САД, Ердоган му порача на Трамп дека внимателно ги следи случувањата во САД и дека е среќен што мерките од борбата дале резултати и довеле до првите чекори кон намалување на бројот на новозаразените и до подобрување на епидемиолошката слика.
„Не се сомневаме дека американскиот народ ќе ја покаже потребната одговорност и дека што побрзо ќе ја надминеме оваа криза. Можете да бидете сигурни дека мојата земја како сигурен и силен сојузник на САД и понатаму ќе покажува солидарност и во сите наредни фази на надминување на пандемијата. Откако го одобривме извозот на потребната опрема, денес со авионот на воздушните сили испративме и помош во медицинска опрема која е итно потребна. Сакаме оваа помош да ви помогне во борбата против пандемијата и лекувањето на заболените“, изјави Ердоган.
Ердоган понатаму наведе дека верува оти и по пандемијата ќе ја продолжат силната соработка во обновување на економијата на меѓународен план и спроведување на неопходните реформи на глобалниот поредок.
„Се надевам дека во тој контекст ќе можеме брзо да размениме мислења и предлози. Истовремено, сметам дека треба да ја искористиме оваа позитивна атмосфера заради јакнењето на нашите односи на сите полиња и искористување на сите потенцијали, почнувајќи од достигнувањето на целта од 100 милијарди трговска размена“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека кризите во регионот, со акцент на Сирија и Либија, уште еднаш ја покажале важноста на турско-американското сојузништво и максималната соработка, Ердоган изрази надеж дека и американскиот Конгрес и медиумите ќе ја препознаат покажаната солидарност во екот на пандемијата и под тој впечаток подобро ќе ја разберат важноста на стратешките односи и ќе дејствуваат во правец на заедничко решавање на нашите заеднички проблеми.
„Уште еднаш, во лично име и во име на мојот народ, упатувам порака со сочувство до семејствата на починатите од последиците на пандемијата и до целиот пријателски и сојузен американски народ. Срдечно ве поздравувам со желба да продолжи оваа блиска соработка и борба во која заедно ќе победиме“, наведе Ердоган на крајот од писмото до Трамп.