Riyaz Khaliq
10 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
ПЕКИНГ (АА) - Претседателот на Кина, Си Ѓипинг, утринава допатува во Вухан, што претставува негова прва посета на тој град, каде што кон крајот на минатата година се појави потенцијално смртоносниот коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вухан се смета за епицентар на епидемијата на Ковид-19, што претставува глобална закана, а кинеската новинска агенција „Синхуа“ јавува дека претседателот Си ќе изврши своевиден увид на терен за да дознае во какви услови работат здравствените институции и кои мерки се преземаат во покраината Хубеи.
Најавено е дека Си ќе се состане и со медицинскиот, воениот и друг персонал што е на првиот фронт во борбата против ширењето на коронавирусот.
Денес властите најавија и затворање на преостанатите две од вкупно 16 привремени болници, кои во Вухан послужија за борба против епидемијата.
Националната здравствена агенција на Кина соопшти дека во изминатите 24 часа се регистрирани 19 нови случаи на зараза со коронавирус, а дека во истиот период починале 17 заразени лица.
Во Кина како последица на зараза со коронавирус починаа вкупно 3.139 лица, а заразени се вкупно 80.754 лица.