Sena Güler
17 Мај 2020•Ажурирај: 18 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Бројот на лица што ја добија битката со коронавирусот надмина 1,7 милиони, покажува извештајот на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Податоците покажуваат дека вкупно 1.700.354 лица закрепнаа од Ковид-19.
Бројот на дијагностицирани случаи премина 4,65 милиони, додека евидентирани се 312.119 смртни случаи.
Најголем број излекувани лица има во САД - 268.376, а потоа следуваат Германија со 152.600 и Шпанија со 146.446.
САД и понатаму се најтешко погодена земја од вирусот, со најголем број заразени и смртни случаи - над 1,46 милиони потврдени случаи и над 88.754 смртни случаи.
Велика Британија е втора во светот според бројот на смртни случаи (34.546), а Русија е втора земја во светот по бројот на заразени (281.752).
Во Кина, каде што вирусот се појави за првпат, регистрирани се вкупно 84.047 случаи на вирусот, и 4.638 починати.
Вирусот се рашири во речиси 200 земји и региони во светот.
И покрај зголемениот број случаи, повеќето луѓе заразени со вирусот имаат благи симптоми пред целосно да закрепнат.