Barış Seçkin
10 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
РИМ (AA) – Премиерот на Италија Џузепе Конте соопшти дека преземените мерки ќе бидат применети во целата земја и дека е ограничено слободно движење, освен во исклучителни случаи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конте на конференцијата за медиуми во палатата Чиги ги соопшти одлуките за вонредната состојба кои ги донесе Советот на министри, а кои во сила ќе стапат со декрет.
Укажа и на бројот на заразените.
„Бројките ни покажуваат дека за жал расте бројот на смртно страданите и бројот на оддели за интензивна нега. Повеќе нема време. Сите треба да се откажеме од одредени работи за доброто на Италија. Бидејќи заразени се голем број луѓе, мораме да ги смениме навиките. Повеќе нема само една црвена зона, постои една Италија, Италија која треба да ја заштитиме. Целата земја ја прогласуваме за црвена зона", рече Конте.
Додаде дека со овој декрет ќе биде опфатена целата земја.
Донесена е и одлука за преземање посилни мерки.
„Верувајте ми ова не е лесно, да се применат сите овие правила на целиот полуостров. Но, свесни сме за сериозноста за ситуацијата. Ја преземаме целата одговорност. Време е за одговорност. Секој има право на здравје. Не можеме да дозволиме да се преземе чекор назад. За денес е исправна одлуката да се остане дома. Иднината на Италија е во нашите раце. Сите треба да го преземат она што можат", рече Конте.
Основните и средните училишта во целата земја како и универзитетите ќе бидат затворени до 3 април.
Во Италија од коронавирус денес починаа уште 97 лица, со што вкупната бројка на жртвите е зголемена на 463.
Ангело Борели, генералниот директор на Цивилната заштита, на конференцијата во Рим рече дека со коронавирус моментално се заразени 7.985 лица.