Erdoğan Çağatay Zontur
03 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) ги пофали напорите на Турција за спречување на ширењето на новиот тип коронавирус, нагласувајќи дека Турција од август тројно го зголемила дневниот број на тестови, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Регионалната канцеларија на СЗО за Европа смета дека е за пофалба тоа што Турција ги зајакна своите капацитети за тестирање на дневно ниво од август 2020 година, трикратно зголемувајќи го бројот во споредба со април оваа година, вклучувајќи го и тестирањето на асимптоматските лица во согласност со нејзината стратегија за спречување и контрола на пандемијата“, истакнаа од СЗО Турција.
„Ова овозможи здравствениот систем да опфати повеќе луѓе, вклучително и оние кои не покажуваат никакви симптоми. Лицата кои се под ризик, сомнителните и веројатните случаи, како и блиските контакти на потврдено лице се приоритетни за тестирање“, се додава од СЗО.
Во соопштението се нагласува дека тестирањето е клучна мерка за јавното здравје со цел да се пронајде каде е присутен Ковид-19 и да се преземат активности за негово ограничување, пронаоѓање на контактите и изолација на позитивните случаи.
„Турција ги изолира сите позитивни случаи на Ковид-19, без оглед на нивните симптоми; ова се препорачува за да се прекине синџирот на пренесување“, се вели од СЗО.
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, ѝ се заблагодари на СЗО за пофалбите на напорите и стратегијата на Турција.
„Денес, СЗО ја пофали стратегијата на Турција за спречување на ширењето на вирусот преку соопштението во врска со хармонизирното приложување податоци за Ковид-19 низ целиот европски регион.“
„Турција е подготвена да го сподели своето искуство во врска со ова. Му благодариме и на Ханс Клуж, регионалниот директор за Европа“, напиша Коџа на Твитер.
Турција синоќа пријави 1.442 нови пациенти со коронавирус и 1.506 оздравени пациенти. Исто така, пријавени се уште 63 починати од последиците предизвикани од Ковид-19.
Во изминатите 24 часа реализирани се вкупно 114.857 тестирања за коронавирусот, зголемувајќи го бројот на тестирања на над 10,6 милиони.
Ковид-19 од минатиот декември во светот однесе над 1 милион животи.
САД, Индија, Бразил и Русија во моментов се најпогодени земји.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во светот досега заразени се над 34,8 милиони луѓе, а оздравеле над 25,8 милиони.