Riyaz Khaliq
27 Март 2020•Ажурирај: 27 Март 2020
АНКАРА
Американскиот претседател, Доналд Трамп, и неговиот кинески колега, Си Ѓипинг, утринава одржаа телефонски разговор за глобалната пандемија на новиот тип коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
До контактот меѓу двајцата лидери дојде кога САД станаа држава со најголем број заразени со коронавирус.
Трамп во објавата на Твитер напиша дека телефонскиот разговор бил многу добар, истовремено искажувајќи почит кон борбата на Кина против Ковид-19, со тврдење дека двете стани соработуваат одблиску.
„Само што го завршив телефонскиот разговорор со кинескиот претседател Си Ѓипинг, којшто протече многу добро. Дискутиравме детално за коронавирусот кој опустошува големи делови од нашата планета. Кина помина низ многу работи и разви разбирање кон вирусот. Блиску соработуваме. Голема почит“, напиша американскиот претседател.
Според државната новинска агенција „Синхуа“, Си изјавил дека Кина споделува информации за Ковид-19 на отворен, транспарентен и одговорен начин.
Тој изјавил дека Пекинг исто така го споделува своето искуство за превенција, спречување на ширењето и за лекување, обезбедувајќи поддршка и помош за сите земји на кои им е потребна.
Си рекол дека Кина е посветена да работи со меѓународната заедница за да ја надминат пандемијата.
Од кинеското Министерство за надворешни работи треба допрва да се издаде соопштение за разговорот.
Ова е прв директен контакт меѓу лидерите на двете најголеми светски економии по ескалирањето на тензиите во врска со потеклото на пандемијата на коронавирусот.
Трамп во последно време го споменуваше коронавирусот како кинески вирус, што Кина го осуди како стигматизирачки и расистички напад.
Војната со зборови меѓу американските и кинеските власти се интензивираше откако еден висок кинески дипломат посочи дека американската Војска можеби е одговорна за глобалната пандемија.
Си и Трамп вчера учествуваа во конференцискиот повик на лидерите на Г20.