Vakkas Doğantekin
13 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
АНКАРА (АА) - Во екот на жестоките критики поради слабиот одзив во борбата против коронавирусот, американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека неговата администрација е подготвена да започне со масовно тестирање за коронавирус во земјата, пренеусва Агенција Анадолија (АА).
„Направени се измени и тестирањето ќе започне наскоро во големи размери. Подготвени сме да почнеме“, напиша Трамп на Твитер.
Во обид да се одбрани од критиките, Трамп вината ја стави врз Центарот за превенција и контрола на болести (CDC). Тој тврди дека водечката институција за јавно здравство веќе со години не е способна да го реши проблемот со набавка на сетови за тестирање.
„Со децении Центарот за превенција и контрола на болести (CDC) го гледаше и проучуваше овој систем за тестирање, но ништо не се случи. Секогаш ќе биде неадекватен и бавен за пандемија од големи размери, но тие се надеваа дека пандемија никогаш нема да се случи“, изјави Трамп.
Трамп се осврна и кон една од неговите омилени цели, поранешниот претседател Барак Обама, обвинувајќи го за влошување на ситуацијата.
„Претседателот Обама направи измени што само ги комплицираа работите понатаму. Нивните мерки кон свинскиот грип Х1Н1 беше катастрофа во целост, илјадници луѓе починаа, а ништо значајно не беше направено за да се реши проблемот со тестирањето, досега“, рече тој.
Администрацијата на американскиот претседател Трамп се соочува со жестоки критики поради бавната дистрибуција на сетови за тестирање на коронавирусот, а повеќе сојузни држави побараа дозвола самостојно да ги набавуваат тие сетови.
Коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, Кина, но сега се прошири во над 120 земји и територии.
Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на смртни случаи во светски рамки е речиси 5.000, а има над 130.000 потврдени случаи.
Претходно оваа недела, СЗО прогласи пандемија поради коронавирусот.