Vesna Besic
15 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
САРАЕВО (АА) - Со проекциите во рамките на Фестивалот на документарен филм на „Ал Џезира Балканс“ (AJB DOC), што се одржува од 11 до 15 септември во приспособен формат, одржан е тренинг „Снимање на документарни филмови со мобилен телефон“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тренингот под водство на Аднен Чаучи, туниски новинар и телевизиски продуцент и долгогодишен соработник на „Ал Џезира Медија Институтот“, кој обучи стотина новинари на темата „Мобилно новинарство и нови медиуми“, траеше три дена, а одржан е виртуелно преку Зум-апликацијата со ограничен број директни учесници и дополнителен број набљудувачи.
Овој тренинг е осмислен за да им даде на студентите од филмските академии, на младите новинари и продуценти поглед за начинот на кој можат да се занимаваат со содржини, користејќи го мобилниот телефон при снимањето документарен филм.
„Најважната лекција што учесниците на овој тренинг ја научија е дека не им е потребна скапа опрема за им ги пренесат приказните на луѓето. Потребен е само мобилен телефон. Тоа е демократизација на продукцијата. Мобилните телефони се евтини и достапни, само бидете креативни“, истакнува тренерот Аднен Чаучи.
Парашкеви Карагеоргу од Бугарија не ја криеше среќата поради можноста да учествува на овој тренинг и да учи од светски познати автори.
„Навистина е фасцинантно да се види дека доколку имате знаење, можете да направите големи работи со уред кој сите го носиме во џеб. Беше прекрасно да се сведочи за огромната количина креативност која настана во така краток период. Сакам да им се заблагодарам на менторите кои нè бодреа и ни помогнаа не само да креираме нешто ново, туку да ја напуштиме својата комфорна зона и да направиме прекрасни работи“, рече Карагеоргу.
Емина Ковачевиќ од Сараево истакна дека работилниците биле исклучително квалитетни и додаде дека ова е искуство што за неа било многу значајно како феноменот „нова нормалност“.
„Во време во кое филмските продукции се отежнати, ние, учесниците на работилницата, успешно снимавме низа вежби во врска со финални кратки документарци. Верувам дека сите сме еднакво горди како на самите себе, така и едни на други. Уживав во динамиката и интензитетот на оваа програма“, вели Ковачевиќ.
Сите учесници имаат рок од еден месец од завршувањето на тренингот да разработат сопствени идеи за снимање документарен филм со мобилен телефон. По истекот на овој период, водителите на тренингот и претставниците на организаторот ќе ја одберат најдобрата идеја за реализација и ќе доделат парична награда во износ од 1500 евра, мобилен телефон „самсунг нот 20 ултра“ и менторска поддршка во процесот на снимањето.
Снимениот документарен филм ќе добие можност за прикажување на наредното издание на „AJB DOC Филм фестивал“.
„Овогодинешниот тренинг беше насочен на практична работа на учесниците, за што ќе се придава сè повеќе внимание во наредните изданија на едукациите што се организираат во рамките на фестивалот“, соопштија организаторите.
Тренингот го организираше Фестивалот на документарен филм на Ал Џезира Балканс (AJB DOC) во соработка со Ал Џезира Медија Институтот од Доха.