Besar Ademi
13 Јануари 2017•Ажурирај: 14 Јануари 2017
ВЕВЧАНИ (АА) - По повод Новата година според стариот, Јулијански календар, во општина Вевчани официјално сe отвори манифестацијата „Вевчански карневал“, кој се смета за еден од најголемите уникатни и културни куриозитети во Македонија со 1.400-годишна традиција, и е познат како провокативна манифестација на којашто се претставени разни маски и персонификации, јавува Anadolu Agency (AA).
Карневалот кој беше отворен од страна на заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ, започна со дефиле на маскирани групи луѓе од Горно и од Долно Маало во селото, додека за вечерните часови е предвидена богата музичка програма.
За настаните од 2016 година, Вевчани преку маските пренесоа критики за лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, кој му се закани на светот со нуклеарна катастрофа.
Вевчани упатија критики и за Универзитетот во Приштина, каде што еден човек со „плис“ (кече), во раката држеше писма на кои пишуваше „диплома за успешно завршување на купениот факултет“.
Истовремено, критики имаше и за настаните во Македонија, односно за амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, и за американскиот бизнисмен Џорџ Сорос, со плакати на кои беше испишано: „Не положивте со БЈРМ! Добредојдени сте во Република Вевчани“.
Исто така, не недостасуваа и критиките за лидерите на политичките партии, протестите таканаречени „Шарена револуција“, за кантонизација и федерализација, како и за двојазичност на целата територија на земјата.
Манифестацијата ќе заврши утре, со палење на маските, со што се верува дека луѓето ќе бидат ослободени од злото, додека следната година ќе биде подобра и ќе има повеќе благосостојба.
Општина Вевчани порача ниту една заедница што живее во Македонија да не се лути за активностите и маските на карневалот, и повика да нема поделба меѓу граѓаните, без разлика на верската или етничката припадност, бидејќи овој карневал ја претставува земјата како мултиетничка.
„Вевчанскииот карневал“ преку различни маски и персонификации пренесува пораки за настаните што се случија во текот на претходната година во земјата и подалеку, критикувајќи ги.
Општина Вевчани и „Вевчанскиот карневал“ се членки на Светската асоцијација на карневалските градови (ФЕЕЦ).