????? ????????
13 Јануари 2016•Ажурирај: 16 Јануари 2016
ВЕВЧАНИ (АА) – Со дефиле на маските среде Вевчани, започна долговековниот, традиционалниот карневал на маски “Вевчански карневал” на кој многубројните учесници со своите различни маски, низ призмата на хуморот и сатирата имаат за цел да ги исмејуваат поважните настани и случувања во земјата и светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Овогодинешното издание на Вевчанскиот карневал го отвори заменикот министер за култура на Република Македонија, Драган Недељковиќ, кој истакна дека овој карневал е македонски бренд.
“Вевчанскиот карневал трае скоро 15 века. Ние во Македонија не сме свесни што значи Вевчански карневал. Минатата година Би-Би-Си го прогласи Вевчанскиот карневал за најдобриот пагански карневал во светот. Вевчанскиот карневал е бренд на Република Македонија. Министерството за култура на Република Македонија го препознава овој бренд и ние ќе се трудиме да го промовираме, да биде познат не само на балканските и европските, туку и во светски размери”, изјави Недељковиќ.
Во однос на реакциите на маските со кои се провоцираат одредени етнички, верски, национални, политички или било какви други групации, министерот Недељковиќ потенцира дека Вевчанскиот карневал е театар на отворено, маските ги креираат луѓето а не властите и дека не би требало никој да има негативни реакции.
На карневалот можат да се видат различни маски од кои највеќе традиционалните: Двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи, како и многу други, кои се инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во изминатата година. По завршувањето на дефилето со маски, следува богата забавна програма.
Според традицијата, утре Василичарите ќе одат од куќа до куќа каде што има луѓе со име Васил да му честитаат и околу пладне доаѓаат во центарот на Вевчани каде што ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, некаде околу 17 часот. Со палењето на маските се верува дека се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.
- Вевчанскиот карневал е стар 15 века -
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупави Августи кои ги штитат од злото.
Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијански календар. Вевчани и Вевчанскиот карневал од 1993 година се членови на Светската асоцијација на карневалски градови.