Furkan Abdula
06 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
СКОПЈЕ (AA) - Денес во Скопје се одржа отворањето на 3. Меѓународен симпозиум за образование и социјални науки на турската геокултура, организиран од страна на Универзитетот ФОН и Институтот за истражување на образовните науки од Турција, кој ќе трае од 6. до 9. јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Институтот за истражување на образовните науки, доц. д-р Умит Полат, во своето обраќање на отворањето на симпозиумот истакна дека овој симпозиум за првпат е организиран во турскиот град Синоп, вториот во Низип, а третиот денес се одржува во Скопје. Тој додаде дека четвртиот симпозиум планираат да се организира во Казахстан или на Кипар.
Полат вели дека Скопје ги буди спомените за Јахја Кемал Бејатли и за Мехмет Акиф Ерсој. „Балканот за нас е мошне значаен. Балканот е наследство од нашите предци. Ако сакаме да трае ова наследство, мора да им излеземе во пресрет на овие универзитети“, пренесе тој.
Од друга страна, заменик-претседателот на Управниот одбор на Универзитетот ФОН, Сефер Цаноски, изрази задоволство затоа што е домаќин на овој симпозиум.
„Јазикот, мислата и работата, полн погодок на темата на оваа конференција, во срцето на Румелија, во срцето на многумина наши луѓе што со векови наназад граделе живот, соработувале, живееле, се образувале во еден ист регион, каде што делиме многу слични или исти вредности“, истакна Цаноски.
Ректорот на Универзитетот ФОН, проф. д-р Нано Ружин, истакна дека потекнува од средина каде што многу се зборува турскиот јазик, и оти турската цивилизација и култура се едни од најбогатите во светот.
Ружин нагласи дека мирисот на турската култура и цивилизација можеме да го почувствуваме и денес на Балканот, а и покрај големите миграции, како што рече тој, тие се среќни што постојат голем број турски заедници во Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Бугарија и во Албанија.
Инаку, симпозиумот ќе се одржи од 6. до 9. јуни во просториите на Универзитетот ФОН. На овој симпозиум ќе се одржат панел-дискусии, конференции и работилници во коишто во своите области ќе учествуваат експерти од различни земји.