Süleyman Elçin
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
АНТАЛИЈА (АА) - СУЛЕЈМАН ЕЛЧИН -
Музејот во Анталија, Република Туркије (Турција) во кој се изложени скулптури, е еден од најзначајните музеи во светот и веќе сто години го привлекува вниманието на бројни посетители.
Музејот оваа година ја слави 100-годишнината од постоењето, а во него се изложени предмети кои сведочат на бројни историски случувања, вклучително и периодот кога Италијанците го окупирале градот по Првата светска војна.
По иницијативата поединечни артефакти кои беа на отворено да се префрлат во конзулатот на Италија во Анталија, Сулејман Фикри Ертен, наставник од гимназија во Анталија, започна активности за основање на музејот.
Ертен собрал неколку артефакти и започнал со создавање музејска колекција. Музејот неколку пати е преместуван од 1922 година, а во 1972 година е преместен во зградата на улицата Конјаалти, во која се наоѓа и денес.

Во музејот се изложени артефакти за првите траги на човечки живот од раниот палеолит до последните години на Османлиското царство.
Музејот, кој се простира на 30.000 квадратни метри и во кој се изложени предмети од античките цивилизации на Медитеранот, кои ја населувале Анталија, во 1988 година од страна на Европскиот совет е прогласен за Музеј на годината.
Посетителите на музејот, кој е еден од најважните музеи на скулптури на светот поради своите скулптури од римски период во античкиот град Перге, можат да го видат хронолошкиот приказ на животот почнувајќи од фосилите, најраните населби во Анталија, Источното Римско и Селџучко царство.
Вниманието на посетителите го привлекуваат и предмети кои се ископани во текот на незаконски ископувања на неколку локации и прокриумчарени во странство, а кои потоа со напорите на Министерството за култура и туризам и надворешни работи на Турција се вратени во земјата.
Меѓу нив се статуата на Херкулес, фрагмент од фигура на бик, фрагмент од саркофагот на Херкулес и саркофагот на Херкулес.

Директорот на музејот Мустафа Демирел за АА изјави дека музејот во Анталија, кој работи при Министерството за култура и туризам на Турција, ја одбележува 100 годишнината од работењето и настојува да ја продолжи работата и визијата која ја покрена Сулејман Фикри Ертен.
Тој додаде дека музејот поседува многу богата колекција.
„Во музејот се изложени околу 7.000 предмети хронолошки распоредени и по различни области. Најзначајната карактеристика на нашиот музеј е процесот кој почнува со првите траги на културата во пештерата Караин и трае сѐ до периодот на Републиката. Ја имаме едната од најголемите колекции на скулптури во светот“, рече Демирел.
„Анталија е речиси археолошки музеј на отворено. Нашата колекција секојдневно расте, благодарение на ископувањата, но и придонесот на граѓаните. Среќни сме што музејот ја одбележува стогодишнината од работењето. Нашата мисија е тешка, но продолжуваме посветено да работиме. Подготвена е публикација за 100 годишнината од отворањето на музејот во Анталија и е во фаза на печатење“, рече Демирел.
Укажа на бројни културни активности кои се водат во музејот и потсети дека бројни туристи, вклучително и оние од странство кои ќе се најдат во градот, доаѓаат да го посетат музејот.