АНКАРА (АА) - Вооружувањето на ПЈД/ЈПГ од страна на САД е извор на загриженост за Турција бидејќи овие терористички организации претставуваат закана за неа, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тоа претставува извор на загриженост”, рече Ердоган во интервјуто за телевизискиот канал „Блумберг", каде зборуваше за соработката на САД со овие терористички групи.
„Пред три дена, Америка испорача два авиона наполнети со оружје. Каде? Во Кобани. За кого? За ПЈД и ЈПГ”, вели Ердоган осврнувајќи се на сирискиот град во близина на јужната турска граница.
„Направена е многу сериозна грешка пред очите на светот“, додаде тој.
Ердоган остро го критикуваше рационализирањето дека ПЈД и ЈПГ се вооружени уште откога се борат против ДАЕШ.
„Во моментов, Ал-Нусра е терористичка организација. Ал-Нусра на ист начин се бори против ДАЕШ. Ако тие што се борат против ДАЕШ не се терористи, тогаш и Ал-Нусра исто така не се терористи“, додаде тој.
Ердоган вели дека ПЈД и ЈПГ се поврзани со терористичката организација ПКК, која се бори против Турција. „Тие се заедно. Тие се исто“, вели тој.
Ердоган уште еднаш повика на меѓународната коалиција против ДАЕШ – составена од 65 земји – да го собори ДАЕШ без никаква помош од терористичките групи.
„Не грижете се за тоа. Можеме да го сториме тоа заедно“, вели тој.
Ердоган вели дека обидот да се направи разлика меѓу „добрите“ и „лошите“ терористички групи претставува престап против Турција.
„Во моментот ни предизвикуваат загриженост организациите што вие ги браните. Тие претставуваат закана за нашата земја“, вели Ердоган, додавајќи дека оние што ги вооружуваат терористичките групи ПЈД/ЈПГ со тоа ги зајакнуваат идните закани за Турција.
Ердоган изјави дека светските лидери како што се претседателот на САД, Барак Обама, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, па дури и рускиот претседател Владимир Путин се согласиле за предлогот за безбедна зона во северна Сирија. „Но, само што рековме да го придвижиме тој процес, чекорот за жал не беше преземен“, додаде тој.
Ердоган вели дека во предложената безбедна зона сакаат да изградат инфраструктура и живеалишта за Сиријците да немаат потреба да ја напуштат својата земја за да избегаат од војната.
- Во земја без инвестиции е невозможно да се зборува за развој
Осврнувајќи се и на намалувањето на каматните стапки на Централната банка на Република Турција, Ердоган изјави дека на тоа гледа како на внимателен и стабилен чекор.
Ердоган нагласи оти верува дека тоа особено претставува сигнал за инвеститорите, и додаде дека се надева оти и другите банки ќе го дадат тој ист сигнал и ќе ја отворат вратата на инвеститорите.
„Јас сметам дека инфлацијата и каматите не се обратно пропорционални. Напротив, мислам дека инфлацијата и каматите се сразмерни. Колку и да ги зголемите каматите, толку ќе се зголеми и инфлацијата“, изјави Ердоган.
Тој исто така изјави дека различната проценка на каматата, во една, и во друга земја, би било погрешно и додаде:
„Кога ќе ги погледнеме каматните стапки во САД, можеме да забележиме дека тие се движат околу 0,50 отсто. Во Европа е еден или 1,5 отсто, а во Јапонија е во минус. И кога ќе ги погледнеме овие земји, зошто тогаш каматата во Турција би била 13, 14 или 15 отсто. Колку и да ги зголемите каматите во една земја, во таа земја, во толкава мера ги отстранувате и инвестициите. Во земја каде што нема инвестиции, невозможно е да се зборува за развој“.
Ердоган се осврна и на работата на Агенцијата за кредитен рејтинг, па правејќи неколку исклучоци, порача како даваат политички изјави.
„Го зголемуваат кредитниот рејтинг на пропаднатите и готовите економии, додека од друга страна, на економиите што стојат на нозе и продолжуваат со инвестиции, настојуваат да им го намалат кредитниот рејтинг, барем за некоја нијанса. Агенциите за кредитен рејтинг не смеат да дејствуваат политички, бидејќи тоа е против економската етика. Треба да го кажат она што навистина е така, но тоа не го кажуваат. Тоа е погрешно“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.