Ali Kemal Akan
18 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер Нуман Куртулмуш изјави дека терористот кој во новогодишната ноќ го изврши нападот во ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул е фатен со сериозен и систематски труд, јавува Anadolu Agency (AA).
Куртулмуш на состанокот чија тема беше борбата против тероризмот, се состана со експертите за безбедност.
Тој во таа пригода истакна дека Турција веќе две години жестоко се бори против терористичките организации, меѓу кои се истакнуваат ДЕАШ, ПКК и ФЕТО.
Куртулмуш нагласи дека борбата е зајакната со цел Турција да се заштити од нападите на терористичките организации, како на границите така и во внатрешноста.
„Турција одлучно го продолжува својот пат кога станува збор за поразувањето на организациите што од подрачјето надвор од границите би можеле да ѝ наштетат“, изјави Куртулмуш и додаде дека со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која се спроведува во северниот дел на Сирија, започнал нов период во борбата против тероризмот.
Куртулмуш како еден вид борба против тероризмот го истакна и контролирањето на канцелариите што ПЈД/ЈПГ ги отвори во Европа и дека подоцна треба да се овозможи тие да се затворат.
Вицепремиерот потсети на тоа дека во европските земји против ПКК се отворени 5.000 случаи и дека е многу важно да се следат тие случаи.
„Освен тоа, меѓународните врски што ги формираше ФЕТО продолжуваат да работат“, изјави Куртулмуш, кој додаде дека е важно да се борат и против таа организација.
Според неговите зборови, најмалку 3.000 раководители на ФЕТО во училиштата, здруженијата, трговските компании, но и во медиумите формирале меѓународна мрежа и располагаат со околу 50 милијарди долари.
Кога станува збор за борбата против оваа организација, Куртулмуш го истакна прекинувањето на контактите на оваа организација со контактите во странство и слабеењето на меѓународната мрежа.
Куртулмуш зборуваше за нападот во ноќниот клуб „Реина“ и изјави дека напаѓачот е фатен благодарение на сериозен и систематски труд.
„Сега се надеваме дека со овие детали ќе биде утврдено која е вистинската сила што стои зад него, кој го насочил напаѓачот или напаѓачите. Се надеваме дека тоа ќе се случи“, изјави Куртулмуш.
Вицепремиерот ја нагласи важноста на единствената борба на припадниците на безбедносните сили, Министерството за надворешни работи на Турција, Министерството за правда и други владини институции, како и да се пронајде заеднички јазик, но и перспектива.
Куртулмуш на состанокот на кој присуствуваа и претставници на медиумите ја истакна улогата што тие како средства за информирање ја имаат кога станува збор за борбата против тероризмот.
Тој потсети и дека целта на терористичките организации не е само да се изврши терористички чин, туку и да се создаде страв и паника меѓу народот што ќе слушне за него.
„Затоа сакам да ја нагласам важноста на пристапот на медиумите кон терористичките акти“, изјави Куртулмуш и додаде дека често се организираат состаноци со раководителите на медиумските куќи, како и дека е забележан напредок, но дека тоа сѐ уште не е доволно.