Andaç Hongur
27 Октомври 2018•Ажурирај: 27 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во врска со четирилатералниот Самит за Сирија кој се одржува во Истанбул, истакна: „Моментално, очите на целиот свет, пред сѐ на нашите браќа Сиријци, се насочени кон овој состанок. Верувам дека нема да ги изневериме овие очекувања, движејќи се со едно искрено и конструктивно разбирање“, јавува Anadolu Agency (AA).
Еден мал дел од обраќањето на Ердоган на отворањето на четирилатералниот Самит за Сирија, кој се одржува во резиденцијата Вахдетин, чиј домаќин е Турција, беше отворен за медиумите.
Ердоган во својот говор изрази задоволство од пречекувањето на лидерите во Турција, и посака состанокот да биде во корист на сите.
„Моментално, очите на целиот свет, пред сѐ на нашите браќа Сиријци, се насочени кон овој состанок. Верувам дека нема да ги изневериме овие очекувања, движејќи се со едно искрено и конструктивно разбирање. Сирија се наоѓа меѓу најприоритетните теми во нашите разговори со господинот Путин. Ние секогаш обрнуваме внимание да бидеме во близок контакт со господинот Макрон и госпоѓата Меркел, и да ги информираме во врска со процесот“, додаде Ердоган.
На Самитот ќе се разговара пред се за ситуацијата во Идлиб по договорот од Сочи, општите настани на терен, како и процесот на политичко решение.
На самитот учествуваат претседателот на Турција, Ердоган, претседателот на Русија, Владимир Путин, претседателот на Франција, Емануел Макрон, и германската канцеларка, Ангела Меркел.
На состанокот се присутни и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за трезор и финансии, Берат Албајрак, турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, како и специјални советници и претставници од Германија и Франција.
На овој самит за прв пат ќе се состанат и специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, и претставници од малата група формирана во Женева од страна на платформата од Астана.
Главната точка на дневниот ред на овој четирилатерален самит за Сирија ќе биде консолидирање на примирјето во Идлиб, како и заедничките напори за политичко решение за кризата во Сирија, и настаните на терен, ситуацијата во Идлиб по договорот од Сочи, како и процесот на политичко решение кој е во тек во Астана и Женева.
Самитот има за цел хармонизирање на заедничките напори за наоѓање на постојано решение за кризата во Сирија. На крајот на самитот се очекуваат лидерите на четирите земји да прифатат една заедничка декларација.