Hanife Sevinç
28 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека завршувањето на операцијата за ослободување на сирискиот град Ал Баб од терористите на ДЕАШ не значи крај на операциите и борбата против терористите, и порача дека Турција и понатаму ќе биде присутна на преговарачката маса и на теренот во борбата против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател денес отпатува во официјална посета на Пакистан, а непосредно пред полетувањето од истанбулкскиот аеродром „Ататурк“ имаше обраќање пред присутните новинари и се осврна на актуелните состојби во Сирија.
„Операцијата за ослободување на Ал Баб е завршена, но тоа не значи дека тоа е крај на процесот, бидејќи нашата цел е ослободување на Џарабулус, Дабик, Ал Баб, а во случај на договор со коалицијата, со САД и со Русија ќе преземеме чекори и во Мунбич и во Рака. Сето ова ќе го правиме во договор со Русија, која е тука во близина, како и со стратешкиот сојузник САД и со другите коалициски партнери“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека за Турција е исклучително важно овие операции и процеси да се водат заеднички, Ердоган рече дека повеќе сето тоа не може да се набљудува од далеку.
„Претходно, долго набљудувавме од далеку. Набљудувавме, но тоа и нè чинеше. Од сега па натаму ќе бидеме и на преговарачката маса и на терен. Тоа им го кажуваме на сите пријатели, соговорници, сојузници и на сите оние кои се тука“, рече Ердоган.
Ердоган исто така истакна дека Турција нема намера да остане на сириска територија, туку дека нејзина цел е ослободување на Рака од терористите на ДЕАШ и нејзино предавање во рацете на локалното население.
Турскиот претседател Ердоган во Исламабад ќе учествува на 13. самит на лидерите на земјите од Организацијата за економска соработка (ЕСО), но ќе одржи и низа билатерални средби на маргините на Самитот.