Ahmet Salih Alacacı,Diyar Güldoğan
04 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
КАРАКАС (АА) - Турција е решена да ги унапреди односите со Венецуела, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние решивме да ја зачуваме динамиката што ја постигнавме во текот на изминатите две години и понатаму да ги зајакнеме нашите односи“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со неговиот венецуелски колега Николас Мадуро во главниот град на Венецуела, Каракас.
Ердоган нагласи дека тој е првиот турски претседател кој ја посетил Венецуела.
„Се надеваме дека посетата на високо ниво помеѓу (официјални претставници на) двете земји ќе продолжи поинтензивирано“, додаде тој.
Истакнувајќи дека билатералната трговска размена меѓу Турција и Венецуела пораснала на 1 милијарда американски долари во 2018 година, шесткратно повеќе во текот на претходната година, Ердоган ја нагласи соработката во разни области, вклучително и во инфраструктурата, одбраната и енергетиката.
Тој, исто така, рече дека Турција планира да изгради џамија во Каракас на барање на Венецуела.
Турскиот претседател рече дека Венецуела предала на Турција две училишта поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Ердоган повтори дека го осудува обидот за атентат врз Мадуро на 4 август, нарекувајќи го многу сериозно предавство и срам.
- Мадуро: „Турција и Венецуела заедно ќе обликуваат прекрасна иднина“
Претседателот на Венецуела Николас Мадуро, изјави дека неговата нација со Турција ќе изгради прекрасна иднина.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Мадуро изрази надеж дека посетата на Ердоган ќе го поплочи патот за нова фаза во односите меѓу двете земји.
Мадуро на претседателот Ердоган му го додели највисокиот орден на земјата, Орденот на ослободителот, за кој рече дека претставува симбол на пријателството меѓу Анкара и Каракас.
Меѓу двете земји потпишани се десет договори за економските односи, за соработката во одбранбената индустрија и за образованието.