СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ / ЏИХАТ АЛИЈУ -
Репрезентацијата на Македонија, преку новото натпреварување на УЕФА, Лига на нации, ќе се обиде за првпат во својата историја да обезбеди пласман на Европското првенство. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски првиот натпревар од Лигата на нации го играат на гостински терен со репрезентацијата на Гибралтар, на 6 септември оваа година, а три дена подоцна, ќе ги одмерат силите против репрезентацијата на Ерменија на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
Во Лигата на нации, Македонија е во лигата „Д“, каде во рамки на групата 4 ќе игра со Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн.
Игор Ангеловски е селектор на фудбалската репрезентација на Македонија од октомври 2015 година. Во разговор за Anadolu Agеncy (AA) зборуваше за предизвиците со кои се соочува тој како селектор, за состојбите во фудбалот во Македонија и во регионот, како и за можноста за враќање на навивачите на трибините.
Ангеловски вели дека Лигата на нациите е проект на УЕФА кој им дава можност на „помалите" репрезентации да стигнат до едно Европско првенство.
Истакнува дека Македонија својата шанса ја гледа преку Лигата на нации затоа што е лига во која се игра со ривали кои се на исто или на слично рамниште, но како што изјавува тој, во фудбалот веќе одамна не важи правилото дека фаворитот секогаш победува, затоа што квалитетот е изедначен, истакнувајќи дека и во оваа Д-лига има квалитетни репрезентации.
„За Македонија ова е голема шанса и сето тоа буди кај нас големи мотиви за да влеземе максимално сериозно во ова натпреварување и да се потрудиме да забележиме успех што на фудбалот и на репрезентацијата на Македонија ќе им даде еден потстрек и ќе ги смести онаму каде што заслужуваат да бидат“, вели Ангеловски.
Истакнува дека атмосферата во репрезентацијата е на феноменално рамниште, затоа што во последните 11 натпревари има само еден пораз од Шпанија, додавајќи дека репрезентативниот тим година и пол во серија игра без пораз, како и тоа дека фудбалерите одработиле одличен период.
„Во изминатиот циклус, квалификациски, во една тешка група со Италија, Шпанија, освоивме 11 бода, што е втор резултатски по бодови пласман во досегашната историја. За жал, го завршивме на петтото место, што за мене не е резултатски успех, но оние игри, бодовите што ги освоивме и резултатите што ги постигнавме, ни даваат за право да се надеваме дека сме на добар пат, дека мора да продолжиме со исто темпо и со ист начин на работа, за во иднина да бележиме уште подобри резултати“, смета Ангеловски.
За изборот на фудбалерите во репрезентацијата вели дека тој, и како човек и како селектор, воопшто не ги дели фудбалерите на кој етникум, вера или нација припаѓаат, туку дека за него, битни се човечките карактеристики и фудбалските квалитети.
„Секој фудбалер кој поседува фудбалски и човечки квалитети да биде дел од репрезентацијата, тој е во репрезентацијата. Ние живееме како едно семејство. Јас никогаш луѓето не ги делам и нема да ги делам ниту по боја на кожа, ниту по верска или национална основа. За мене човекот е човек, и според тоа ги распознавам неговите квалитети. Среќен сум што работам со такви момци и имаме една прекрасна атмосфера каде секој секого почитува. Само така можеме да бележиме резултати“, истакнува селекторот Ангеловски.

Прашан дали квалитетна домашна лига е предуслов за добра и квалитетна репрезентација која има потенцијал да постигнува успех, вели дека во секој случај тоа е еден од предусловите, изразувајќи надеж дека клубовите во Македонија ќе растат со текот на годините.
Изрази жалење што оваа година Шкендија не успеа да се пласира во групната фаза од Лига Европа, и истакна дека навистина овој тим бил подобар противник од Розенборг. Исто така, потсетува дека тоа лани му пошло од рака на Вардар, и дека само преку такви настапи и вложувања како што вложуваат во Вардар, во Шкендија, во Академија „Пандев“ и во други, се доаѓа и до репрезентативен успех.
Според Ангеловски, со самото издигнување на квалитетот на клубовите од домашната лига, и изборот за потенцијални репрезентативци е поголем.
- „Турција е фудбалска велесила, ме радува што фудбалерите од Македонија играат таму“ -
За фудбалерите од Македонија кои играат во Првата фудбалска лига на Турција (Суперлига) истакнува дека и порано имало фудбалери кои оставиле белег во турското фудбалско првенство, но дека и сега има фудбалери кои играат во турските клубови, поради што, како што вели е среќен.
„Сега имаме еден фудбалер како што е Елиф Елмас, кој е стандарден во еден гигант како Фенербахче, Јани Атанасов сега направи трансфер во Бурсаспор и од него допрва очекувам. Тоа како селектор многу ме радува, затоа што Турција, според мене е една фудбалска велесила каде што многу се вложува во фудбалот, луѓето многу го сакаат и го разбираат фудбалот. И јас сум среќен што имам фудбалери во таа лига“, истакнува Англеговски.
Додава и дека освен фудбалерите, во Првата фудбалска лига во Турција работат и неговите асистенти, Џенгис Реџепи како асистент во Сиваспор, и Иван Ивановски како асистент во Ризаспор.
„Доволно сум запознаен со лигата, ја следам и многу ја почитувам, и мислам дека турскиот фудбал е едно од местата каде што нашите фудбалери можат да се прикажат во добро издание, а и клубовите да имаат бенефит од тоа што македонски фудбалери играат таму“, порачува Ангеловски.
Тој искажа и зборови на поддршка за Турција, за нејзината кандидатура за домаќин на ЕУРО 2024, истакнувајќи дека тоа би било сосема заслужено, бидејќи оваа држава направила многу во областа на фудбалот.
„Искрено, апсолутно ја поддржувам и би бил среќен доколку Турција ја добие таа кандидатура, затоа што мислам дека со сите вложувања што ги прават и Владата и сопствениците на клубовите, и поради сето она што го изградија во Турција, сосема заслужено ќе биде да бидат домаќини. Би бил среќен доколку тоа се оствари и Турција биде домаќин“, порачува Ангеловски, додавајќи дека и покрај тоа што Германија е еден од кандидатите, сепак, според неговото мислење, треба да им се даде можност на земјите како Турција, за која смета дека ќе се покаже како добар организатор.
- „Балканот отсекогаш располагал со огромни фудбалски таленти“ -
Во однос на фудбалот во регионот, селекторот на репрезентацијата на Македонија го посочува примерот со репрезентацијата на Хрватска која играше во финалето на последното Светско фудбалско првенство во Русија, како и тоа дека токму фудбалерот од редовите на оваа репрезентација, Лука Модриќ е избран за најдобар фудбалер на Првенството и за наградата од УЕФА за најдобар играч во Европа за сезоната 2017/2018, што е показател дека Балканот отсекогаш располагал со огромни фудбалски таленти.
„Хрватска добро го трасираше својот пат, и клупски и репрезентативен. Да не заборавиме дека Динамо е еден од редовните учесници на Лигата на шамиони или на Лига Европа групната фаза и репрезентативците им бележат добри резултати. Лука со настапите во Реал Мадрид каде што освои и европска титула, сосема е заслужено да биде број еден фудбалер од УЕФА. Хрватска е пример дека со правилна работа и со добра стратегија може да се бележат врвни резултати и треба да се следи нејзиниот пример“, смета Ангеловски, порачувајќи дека во регионот луѓето добро го познаваат и разбираат фудбалот.
- „Навивачите на трибините се враќаат со резултати и со добри игри“ -
Тој смета дека навивачите на трибините можат многу да придонесат и за добра атмосфера за време на натпреварите, но и за подобрување на состојбите во фудбалот, но дека и фудбалските клубови треба да покажат добри резултати и да направат сѐ што е во нивна моќ за да го освојат вниманието на навивачите.
„Навивачите се враќаат со резултати и со добри игри. Јавноста во Македонија и во регионот добро го разбира фудбалот. На секого што правилно работи и гледа дека екипата и клубот што ги води се на добар пат, му дава поддршка. За жал, кај нас влијаат и економско-социјалните случувања во државата, на народот некогаш не му е до фудбалот...“, порачува селекторот Ангеловски.
Потсетува дека белградскиот клуб Црвена ѕвезда има бројни навивачи и дека сега стигна до групната фаза на Лигата на шампионите, а дека хрватскиот Динамо од Загреб ќе игра во Лига Европа. Ова, според Ангеловски, е само начин и показател дека и клубовите во Македонија, како што се Вардар и Шкендија, мора да продолжат да вложуваат во своите тимови и да веруваат во своите играчи.
Селекторот на репрезентацијата на Македонија, во разговорот за АА, потенцира дека е потребно да се верува во сопствените квалитети и да им се дава можност на младите фудбалери, и дека на тој начин може да се стигне до резултати кои ги постигнуваат фудбалските тимови во соседството.
news_share_descriptionsubscription_contact
