Dejan Maksimoviç
02 Септември 2018•Ажурирај: 03 Септември 2018
МАДРИД (АА) - Хулен Лопетеги, тренерот на Реал Мадрид, упати пофалби на сметка на напаѓачот Карим Бензема и истакна дека францускиот фудбалер оваа сезона може да стане најдобар стрелец во шпанската Ла Лига, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бензема со успех ја отвори сезоната. Во првите три кола од Ла Лига постигна четири гола, а цела мината сезона само петпати беше стрелец на Првенството. Но, изгледа на Французинот му годеше заминувањето на првата ѕвезда на „кралевите“, Кристијано Роналдо во Јувентус.
„Зошто Бензема не би бил најдобриот стрелец во Лигата? Не гледам причина да не постигне 30 или 40 гола. Најважна работа е тимот, а головите доаѓаат како плод на работата на целиот тим. Бензема е одличен играч и тоа отсекогаш беше. Тој е среќен и му помага на тимот, така и ќе остане“, рече Лопетеги.
Реал одлично ја отвори сезоната во Првенството. Оствари три победи и го држи врвот на табелата со девет поени и гол разлика: 10:2.
Бензема дојде во мадридскиот клуб во 2009 година од Олимпик Лион. Оттогаш за Реал одигра 416 натпреварувачки меча и постигна 197 гола. Во дресот на репрезентацијата на Франција, во кој последен пат играше во 2015 година, забележа 81 настап со 27 гола.