Dzihat Aliju
13 Август 2016•Ажурирај: 15 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот на Турција во Република Македонија, Омур Шолендил, изрази благодарност до надлежните и до сонародниците поради пораките со поддршка до претседателот Реџеп Таип Ердоган, турската Влада и народот против обидот за државен удар на терористичката организација ФЕТО, како и придонесот во справувањето со ФЕТО во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Шолендил за новинарот на АА рече: „Министерот без ресор при Владата на Република Македонија, Фуркан Чако, другите надлежни турски сонародници, нашите бизнисмени и сите браќа дадоа поддршка против државниот удар и сите иницијативи што ги започнаа, всушност ги дадоа потребните пораки до органите на Македонија против структурите на терористичката организација ФЕТО во Македонија. Во оваа смисла би сакал повторно да се заблагодарам на г. Чако, на сите надлежни, како и на нашите бизнисмени”.
Амбасадорот Шолендил во врска со училиштата на ФЕТО во Македонија рече: „Сè уште e период на одмори. До нас не се изнесени некои официјални барања во врска со префрлувањата на учениците. Меѓутоа имаме сознанија дека некои ученици веќе имаат извршено трансфер во други училишта”.
Шолендил потенцираше дека во врска со илегалните активности на ФЕТО потребните предупредувања и иницијативи се изнесени пред надлежните органи на Македонија и ќе се продолжи во оваа насока.
Шолендил потенцираше дека вклучувајќи ја и Македонија, во земјите каде што функционира ФЕТО, тој претставува сериозна закана и додаде: „Ние очекуваме од нашите пријатели да ѝ дадат поддршка и да ѝ пружат соработка на Турција во борбата со оваа терористичка закана”.
Шолендил истакна дека митинзите во Македонија кои се организираа под мотото “Против државен удар, поддршка на народната волја” заслужуваат секаква пофалба поради солидарноста и заедничкиот дух со Турција, и додаде дека лично и тој присуствувал на митинзите за поддршка, организирани во разни градови.
Министерот без ресор во Владата на Република Македонија со турско потекло, Фуркан Чако, во претходна изјава за АА истакна дека „Во насока на консултациите што ги имавме со нашите соговорници во Турција, почнавме да преземаме мерки за структурата на ФЕТО потполно да излезе на виделина од правен аспект, и отсега натаму да се стави крај на нејзините активности“.
Чако, исто така, имаше истакнато дека особено се испитуваат компаниите од Турција кои доаѓаат во Македонија, во однос на тоа дали имаат некаква поврзаност со ФЕТО, и ги повика родителите да не ги праќаат своите деца во училиштата на ФЕТО.
Фуркан Чако претходно кажа дека оваа структура, само поради тоа што била со потекло од Турција, ги користела услужливоста, љубезноста, гостопримството и добродетелството на народот. Но сега таа веќе добро ѝ е позната на јавноста, и народот е на страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган, и потенцираше дека ќе продолжи да биде.